Музичарот Џими Роџерс или Владo Поповски, а најчесто Лаци, како што го викаат во родната Македонија, заедно со неговиот колега Ендрју Харисон, на 7 мај настапуваат во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, каде што ќе одржат концерт на акустични гитари и ќе го презентираат актуелниот албум насловен „Вагабундо“ (Vagabundo). „Јас секогаш сум сакал да се изразувам во соработка со други музичари, по можност од други региони, земји и култури. Сметам дека секој уметник по својата природа е космополит, ослободен од предрасуди и стеги, од тоа од каде потекнува и не мора единствено да биде вкоренет во видот музика која се негува таму каде што е роден“, вели Роџерс за весникот ВЕЧЕР
Оние што го познаваат Џими Роџерс или Владo Поповски, а најчесто Лаци, како што тука го викаат, знаат дека речиси е невозможно да се замисли без гитара. Иако долги години живее во Австрија, за многумина тој е еден од нас, роден скопјанец, кој музичката кариера ја започнува токму овде, на маалските свирки, за со својата музика да патува низ светот. Пред неколку години со песната „Моите 7/8“ (My 7/8), настапува на фестивалот „Макфест“ и нè потсетува на неговиот специфичен музички сензибилитет. Изјавува дека „пее за тоа како е кога го имаш блузот, за изгубената љубов, слободата, стрмните карпи на животот и за општеството. За целосно изразување на моментите кои го прават животот вреден за живеење“.
Заедно со неговиот колега Ендрју Харисон, на 7 мај настапуваат во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, каде што ќе одржат концерт на акустични гитари. Пред македонската публика ќе се претстават со својот актуелен албум насловен „Вагабундо“ (Vagabundo) на кој се поместени 10 композиции со блуз и латино звуци. За овој албум Поповски вели дека е конечно исполнување на желбата за акустичен проект изведен на највисоко ниво. Повод за разговорот во весникот ВЕЧЕР е токму нивното гостување во Македонија.
Во Македонија повторно настапувате со проектот „Roggers & Harrison – Let the guitar play“, овој пат во Скопје. Каква музика содржи албумот „Вагабундо“ и на какво музичко патување ќе ја поведете скопската публика со своите акустични гитари?
Со проектот „Roggers & Harrison“ во Македонија ќе настапиме трет пат, сега во рамките на Скопскиот фестивал 2024. Поканети сме да одржиме концерт во Камерната сала на Македонската филхармонијата, на 7 мај годинава. Претходно , во 2022 година, албумот го претставивме на Карамановите културни вечери во Радовиш и на Гитара фест во Крушево. Овој наш стил на работа едноставно се нарекува World Guitar Music. Негова карактеристика е стилската разновидност, а опфаќа авторска музика, мелодии, како и наши преработки на познати светски нумери, сето она што го формираше музичкиот вкус на поп и рок сцената во последниве 3-4 децении.
Зошто за Вас музиката наменета за акустичната гитара е нешто што е врвна умешност во популарната музика?
Акустичната гитара има некоја магија во себе и носи посебна енергија. Постојат многу различни стилови на свирење на овој инструмент. Мојот е обележан од идејата дека користењето одредени, различни техники, придонесува за разновидност, длабочина и набој на музичкиот израз. Во нашиот проект, јас користам акустична гитара со метални жици. Мојот колега користи три модели на гитари, а секоја од нив носи свои карактеристики и боја на звукот. Ми се чини дека токму тоа богатство на звуци го прави нашиот проект специфичен.
Во рамки на вашата турнеја со „Вагабундо“, каде сè настапивте и како бевте примени од публиката?
Соработката со Ендрју Харисон е од 2018 година, а веќе 2019 го снимивме албумот „Вагабундо“, со кој настапувавме на различни бини, на настани, на фестивали, меѓу кои два пати na Jazz in the City Festival/ Badgastein 2020/2022, CityFestival Hallein, 2021 во Австрија, Bad Füssing Sommer Festival и Bad Elster Sommer Festival во Германија итн.
Нашата централа е во Салцбург, но од тука секогаш сме подготвени да патуваме на различни дестинации, онаму каде што сме поканети и онаму каде што публиката сака да ја слушне музиката што ние ја правиме. Имам впечаток и тоа навистина ме радува дека луѓе, за кои овој тип на музика е своевиден празник, има насекаде.
Да се вратиме на почетоците, кога започнавте да свирите гитара? Дали отсекогаш живеевте, свиревте во овие ритми (блуз, латино…) или стилот на музичарот зрее со годините?
Јас секогаш сум сакал да се изразувам во соработка со други музичари, по можност од други региони, земји и култури. Сметам дека секој уметник по својата природа е космополит, ослободен од предрасуди и стеги, од тоа од каде потекнува и не мора единствено да биде вкоренет во видот музика која се негува таму каде што е роден. Во светот има многу различни начини музички да се изразат нештата кои засегаат, различни места на инспирација и би било жално тие да не се користат како богатство во овој еден живот кој го имаме и живееме. Не велам дека посветеноста и негувањето на музика типична за регионот од кој музичарот потекнува е недостаток, туку едноставно велам дека секој треба да го следи сопствениот порив. Мојот е љубопитен за различното и за начините како од разликите може да се направи хармонија. И потполно се согласувам дека тоа се постигнува со години практика, односно дека музичарот зрее со годините.
Како солист на гитара, имате веќе 30-годишно сценско искуство, движејќи се меѓу жанровите кантри, блуз и поп-рок. Запознајте нè со Вашата музичка дејност…
Да, професионално почнав како солист, па подоцна формирав свој кантри бенд, со кој еднаш, во 2003 година, настапив и во забавната програма на „Макфест“. Соработував со многу музичари. Во почетокот на 2000-та го формирав „Blues Trio“, со кое патувавме најчесто низ Австрија и Германија, а имав чест да настапувам и со големи бендови како „Nazareth“ (моите идоли кога бев дете), Barkley James Harvest, David Knopfler (Dire Straits) и т.н. Со тоа трио бев гостин и на Карпошово културно лето во Скопје.
Колку време живеете во Австрија и дали често доаѓате и одржувате концерти во Македонија?
Во Австрија сум долго, од 1991 година. Во Скопје и Македонија доаѓам секогаш кога можам, и приватно и со некој ангажман, а останувам колку што времето ми дозволува и, се разбира, уживам во тие моменти. Концертот во Скопје посебно ми значи, не само затоа што произлегува од желбата да го споделам со публиката, со луѓето она што мене ме одредува како креативна личност, тоа чувство секаде е исто. Тоа е онаа возбуда пред настап кога посакувате и се надевате дека некој, токму заради вашата опсесија со музиката, ќе се чувствува добро. Но, во Скопје тоа чувство се интензивира, зошто тука ми се пријателите со кои најдолго се познавам и, токму затоа што на тоа пријателство ниту времето ниту далечината му можат нешто, нивното мислење и чувство ми се особено важни. Тука, во Скопје, ми се обновува меморијата на еден дел од животот кога, можеби, сум имал најмногу идеали и очекувања, а тоа навистина мотивира. На крајот Скопје е и градот на моето детство, од кое, се надевам ќе се согласите, речиси сè произлегува…
Кои се Вашите планови за годинава: настапи, подготовка на албум…?
Оваа година во план се концерти и интернационални настапи. Понатаму, во план е и нов албум за што навремено ќе информирам. (Н.И.Т.)