EPA/RAINER JENSEN

Легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер, не е виден во јавноста речиси 11 години, по страшната несреќа што му се случи при скијање на Алпите. Токму поради тоа што го нема видено јавноста оттогаш, многу луѓе минатите години се обидоа да заработат од таквата ситуација, а меѓу нив е и неговиот поранешен телохранител, Маркус Фрише.

Заедно со својот пријател Јилмаз Тозтуркан и неговиот син Даниел Линс, Фрише го уценувал семејството Шумахер. Тој имал чувствителни фотографии и документи, барал дури 15 милиони евра во замена за молчење и не ни сонувал дека ќе биде пријавено сето тоа во полиција.

Така, оваа недела, во судот во Вупертал, Германија, започна судењето на споменатите мажи, кои украле 1.500 фотографии, 200 видеа и документи за состојбата на Михаел Шумахер. Она што особено ја интригира јавноста е фактот што беше побарано судењето да биде јавно, што не им одговара на сопругата Корина Шумахер и на нивните деца.

Затоа Фрише, кој дојде на судењето насмеан, не е особено загрижен. Семејството побара дел од судскиот процес да биде затворен за јавноста поради чувствителноста на информациите и доколку не се усвои тоа, ќе слушнеме сè за состојбата на Михаел Шумахер.

  • Јас и Фрише се знаеме долго време и секогаш сме во контакт. Еднаш се сретнавме на кафе и тој ми кажа како го добил тој чувствителен материјал, па ме праша дали можеме да направиме нешто околу тоа. Му реков дека ќе се распрашам, но дека дефинитивно ќе можеме да направиме нешто – вели Тозтуркан, кој го вмешал синот во сè.

Наводно, Фрише извадил од семејната вила два хард-диска и четири УСБ на кои се податоците и планирал да го уценува семејството дека ќе ги објави материјалите на „дарк веб“ доколку не му плати 15 милиони евра.

Згора на тоа, отишле дотаму што на 3 јуни, од скриен број, му се јавиле на семејството Шумахер за да му се заканат. По тоа, синот на Тозтуркан испратил четири фотографии како доказ дека не се шегуваат. Семејството веднаш ја известило полицијата и само 16 дена подоцна, тие сите завршиле зад решетки. Полицијата нашла доволно докази за да ги приведе, а германското обвинителство започнува истрага и судење.

  • Добив два хард-диска, едниот беше црн, а другиот син. Признавам речиси сè, но не ги купив фотографиите. Се обидов да ги продадам, но контактирав со семејството Шумахер откако немав заинтересирани купувачи. Мојот син ми помогна само во креирањето на е-поштата, тоа е тоа, тој не знаеше ништо за обидот за уцена – додава Тозтуркан.

Речиси 11 години нема никакви информации за Шумахер, само шпекулации дека сè уште е во кома, дека сега практично е растение. Но, има и такви што се оптимисти, дека комуницира со семејството. Поради ова, неговата здравствена состојба го привлекла вниманието на поранешниот телохранител и на неговите „колеги“, кои сакале да ја искористат ситуацијата и да заработат на туѓата несреќа, бидејќи семејството не сака да соопштува ништо за него.

Засега нема информации дали судот во Германија ќе го прифати барањето на семејството, па ќе биде интересно да се види дали, доколку се случи тоа, ќе мора да се откаже од кривичното гонење на Фрише, Линс и на Тозтуркан.

ИЗДВОЕНИ