Јавниот притисок ќе ги симне членовите на Судскиот совет од „тронот“?!

Законот до последно ги штити членовите на Судскиот совет и со сила не можат да бидат разрешени, но јавниот притисок ќе биде алатката за борба за промени во правосудниот систем, смета премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги очекувањата од исходот од интерпелациите поднесени за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Премиерот оцени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и дека се надева оти тие ќе бидат доблесни и ќе поднесат оставки

253

Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан околу интерпелациите поднесени за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

-Органот којшто ги избрал тие пет члена има право да даде свое мислење за нивната работа и тој со тоа што не им го прифатил извештајот за работа дал свое мислење. И сега логично е дека можат пратениците да поднесат таква процедура за интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале, бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се избирани само од пратениците, има и од судовите итн. Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи, рече Мицкоски.

Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.

– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок, рече и додаде дека се надева оти тие ќе бидат доблесни и ќе поднесат оставки, изборот на новите членови на Судскиот совет ќе биде според законот што е во сила.

Премиерот најави и многу реформи во правосудството.

– Чекор по чекор ќе следат многу реформи. Јас никогаш не би сакал да зборувам со повисок тон или пак да се заканувам што ќе следува, но прво да се случат работите, па потоа ќе ги коментираме. Тоа е начинот на кој функционира оваа Влада. Внимателно, чекор по чекор, тивко, без многу помпа, без многу најави, без многу закани, да си ги завршуваме работите, рече премиерот Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во телевизиско гостување изминатиот викенд рече дека иницијативата за распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет е само првиот чекор кон подобрување на ситуацијата, со цел да се врати довербата во судството и да се подобри правдата во земјата, а недостигот на морал и одговорност во судскиот систем го прават овој проблем уште посложен.

-Во моментов судството е најслабиот дел од општеството. Ние можеме цела Македонија да ја изградиме, да имаме десетици проекти, но луѓето бараат правда и очајно ја бараат правдата. Тие не прават разлика помеѓу властите, затоа што извршната власт, во која што сме ние, и судската се одвоени, но затоа што нас не нè избираат на избори, веднаш бараат решение. Самото тоа што довербата е 2 отсто, тоа е на ниво на статистичка грешка, многу кажува. Тоа се луѓе кои исто се занимаваат со јавен живот. Јас да би имал 2 отсто поддршка, би ми било срам на улица да излезам, а камоли да се занимавам со јавна работа, истакна Николоски во гостување на Сител телевизија.

Николоски нагласи дека членовите на Судскиот совет треба да поднесат оставка, бидејќи се избрани од Собранието, а поддршката за нив, како што вели, доаѓа од коалицијата СДСМ-ДУИ, додека од актуелната владина коалиција немаат поддршка.

-Кога видоа дека ние поднесуваме интерпелација, очекував попладнето да поднесат оставки, но и со тоа што не поднесоа оставки покажаа дека немаат никаков морал, никакво чувство за одговорност кон јавноста и затоа е состојбата ваква каква што е, изјави Николоски.

И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, на денешната трибина на темата „Суштината на проблемот: Лоши закони или лоша примена?“ порача дека е неопходна транспарентност, анализа и одговорност на судиите пред Судскиот совет кои не го применуваат правото според законот.

Претходно, минатата недела, премиерот Мицкоски упати повик до сите пратеници да го поддржат распуштањето на Судскиот совет, а потоа заеднички да се работи на реформите во судството. Партиите од владина коалиција ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, во петокот поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се избираат од страна на Собранието.

– Процесот треба да е инклузивен, да имаме општествен консензус. Не сакаме да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени. Ги повикувам сите пратеници во Парламентот, ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски совет, кој тие го гласале, да гласаат кога ќе дојде точката на дневен ред. Да бидат разрешени овие членови на Судскиот совет, а потоа заедно низ еден инклузивен процес да најдеме луѓе кои ќе мониторираат и ќе идентификуваат судии кои злоупотребуваат тоа што се суди и кои се причинители поради нивните контроверзни одлуки на некои процеси кои не треба да се случуваат – рече Мицкоски по доделувањето станови на социјално ранливите семејства во Велес.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, пак, побара реформите во судството да се прават со консензус на сите партии во Собранието.

– Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта, рече тој.

Меѓународната експертка за правосудство и антикорупција Хелена Папа, во интервју за МИА вели дека реформите во судството не се брзи решенија и резултатите нема да бидат видливи веднаш.

-Реформите во правосудството не се брзи решенија. Треба да се комуницира со граѓаните дека ако ја спроведaт таа реформа ќе биде потребно одредено време за да се видат резултатите. Резултатите од реформите не се видливи веднаш. Јавноста треба да биде искрено информирана за тоа што ќе се случува, колку време ќе трае и какви резултати се очекуваат. Доколку, пак, се одлучите да спроведете ветинг во судството, бидете подготвени за недостиг на судии и јавни обвинители, каков што беше случајот со Албанија, вели Папа во интервјуто.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, порача дека е потребен ветинг за политичките партии да не прераснат во јавни обвинители или судии. На средба со членови и симпатизери на ДУИ во Битола, лидерот Ахмети посочи дека е потребна истрага за процесот на приватизација и потеклото на богатството на сите политичари и функционери во земјава. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ