Јавниот обвинител подготвува одлука: Финишира истрагата за убиството на Вања и Панче

132

Во завршна фаза е истрагата на Јавното обвинителство  за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, информираа денеска од ОЈО. Оттаму велат дека јавниот обвинител подготвува одлука која ќе биде соопштена по донесувањето.

-Јавното обвинителство веќе извести дека истрагата против дел од осомничените е во завршна фаза и дека до нив е доставено известување за завршена истрага. Со оглед на тоа што рокот за притвор во истрага за дел од обвинетите истекува, надлежниот јавен обвинител изготвува одлука, за која јавноста ќе биде известена кога ќе биде донесена, информираа од Јавното обвинителство.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија дека еден од притворените за грозоморните убиства, Велешанецот Боре Видевски, го сменил првичниот исказ што го дал пред Обвинителството и сега негира дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски и тврди дека тој не бил виновен.

Претходно, Врховниот суд ја одби како неоснована жалбата на Видевски со која осомничениот барал притворот да му биде заменет со домашен притвор. Боре Видевски е еден од петтемина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело. Првоосомничен за убиството на Вања и Панче е Љупчо Палевски-Палчо, кој на 15 мај беше екстрадиран во земјава од Турција.