Нивото на јавниот долг на крајот од 2024 година беше 61,9 %, на крајот од јануари 2025 тој падна за 3,7 % и изнесува 58,2 % од БДП. Намалувањето, според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се должи на раздолжувањето на еврообврзницата со унгарскиот заемот со кој е направена годишна заштеда од 15 милиони евра, односно за двете транши вкупно 30 милиони евра.
– Владата води многу внимателна политика во насока на контролирање на трошоците, на буџетскиот дефицит и јавниот долг и таа заложба се покажа преку намалување на државниот долг, а соодветно на тоа, и на јавниот долг. Верувам дека до крајот на годината многу ќе внимаваме – истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд констатирала дека Владата има наследено многу проблеми од претходно, потврдени со тоа што земјава е единствената земја во регионот што не успеала да се консолидира во однос на буџетскиот дефицит и на јавниот долг.
Во однос на мерките што ги презеде Владата за спречување на инфлацијата, министерката наведе дека очекува да дадат ефект на краток рок и оти се подготвуваат некои решенија во делот на земјоделството што треба да имаат влијание на долг рок.