Новиот возач на Мерцедес и дебитант за претстојната сезона во Формула 1, Андреа Кими Антонели, вели дека не е замена за Луис Хамилтон, кој се пресели во Ферари на крајот од минатата сезона. Младиот Италијанец (18 години) е ново лице во Мерцедес, каде што тимски колега ќе му биде Џорџ Расел. Потенцира дека сака да остави свој печат во Формула 1, а не да биде замена за Хамилтон.
- Не се чувствувам како да сум нечија замена. Се чувствувам како возач на Мерцедес во Формула 1. Ова е неверојатна можност и јас сум исклучително благодарен за довербата и за можноста што ми ги даде Мерцедес. Во исто време, тоа е и голема одговорност. Мерцедес е голем тим и неговите очекувања се, секако, исто толку големи. Само ќе се обидам да го дадам најдоброто од мене – изјави Антонели во интервју за Би-би-си.