Јаневска: Психолошка поддршка за сите ученици

17

Министерството за образование активно презема мерки за поддршка на учениците што се засегнати од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

– Од првиот ден им помагаме на учениците што се засегнати директно или индиректно. Во соработка со УНИЦЕФ,  клинички психолози и психијатри при Комората на психолози и Црвениот крст, обезбедивме психолошка поддршка за сите ученици во државата, а фокус ќе биде ставен на општините што беа засегнати – изјави министерката Весна Јаневска.

Таа нагласи дека веднаш по трагедијата, биле подготвени насоки за училиштата, наставниците и за родителите за постапување и давање психолошка и психосоцијална помош. Овие насоки се достапни на пет јазици.

– Формиравме мрежа од 100 училишни психолози, кои се насочени кон општините засегнати од пожарот, но и кон другите делови од земјата. Дополнително, на веб-страницата на Министерството за образование објавивме листа со телефонски контакти на 40-мина психолози, кои се постојано достапни за разговор, како и наменски телефонски линии за психолошка помош – истакна министерката.

Јаневска информираше дека граѓаните можат да побараат помош и од центрите на Црвениот крст, како и од Центарот за ментално здравје во Кочани, каде што се ангажирани психијатри од Клиниката. Дополнително, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип функционира младинско советувалиште со психолози, кое, исто така, е на располагање.

ИЗДВОЕНИ