Јаневска: Од јануари ќе се воведуваат асистенти за децата со попреченост во средното образование

49

Системски ќе се решава проблемот со недостигот од асистенти, за учениците со попреченост проблемот треба да се реши до јуни следната година, вели министерката за образование, Весна Јаневска.

Новитет е и тоа што од јануари следната година ќе се воведуваат и асистенти за во средното образование.

– Во следните денови, образовните асистенти навлегуваат во училиштата – информира вчера министерката Јаневска.

На прашањето до кога може да се очекува асистентите да бидат и во средните училишта, министерката појасни дека законот многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа. Потоа треба да помине на Влада, да се поднесе во Собранието.

– Многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа, сите ќе можат да го видат и ќе можат и да реагираат на некакви членови ако имаат забелешки. Најрано што можам да очекувам асистенти во средните училишта е јануари 2025 година – рече вчера Јаневска.

Јаневска повтори дека се работи на системското решение и оти со новите закони за основно, средно и за средно стручно образование ќе се определи рок во кој ќе биде завршена целата постапка, која ќе треба да биде готова до јуни.

Големата новина, рече Јаневска, е што обезбедуваме асистенти и за средните училишта, што досега не беше случај, а, исто така, и тоа што асистентите ќе го следат ученикот во целиот негов образован процес, освен ако не престане потребата од асистент, ако одлучи асистентот да се исклучи од овој процес или на силно инсистирање на родителите, кои ќе сметаат дека нивното дете би можело да постигне подобар успех со друг асистент, бидејќи понекогаш е неопходна промена на асистентот.

Најавата за законска рамка и за дуално образование, како што појасни, ќе биде со Законот за средно стручно образование.

– Почнуваме шест закони што се меѓусебно поврзани: закон за основно, за средно, за средно стручно образование, за образование на возрасни и закон за национална рамка на квалификации. Го додаваме и законот за учебници за да може да биде решен проблемот и за да почнеме на мир следната година. Се надевам дека тој процес ќе биде завршен во октомври. Работиме на уште шест нови закони, кои, исто така, треба брзо да се донесат: закон за наставници, за педагошка служба, за државен испитен центар, работиме и на закон за високото образование.  Во МОН нè чека тешка и долга зима, но ние продолжуваме со истото темпо – изјави Јаневска.