Новиот Концепт за гимназиско образование беше една од главните теми за расправа помеѓу власта и опозицијата на собраниската седница за пратенички прашања. Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова упати критика до министерката за образование и наука Весна Јаневска дека не ги слуша реакциите за Концептот кои деновиве и ги испраќаат преку отворени писма наставниците по ликовна уметност, филозофија, социологија- дека со укинување на предметот етика и логика и со ставање на филозофија како изборен предмет, ќе се уништи критичката мисла кај учениците. Министерката Јаневска ги отфрли наводите дека немало јавна дебата и оти новиот Концепт мора да претрпи реформа бидејќи учениците учат од книги стари 24 години.
-Она што се објавува во медиумите има друга позадина, никој не дискутира за Концепцијата, туку имаат забелешка за бројот на часови. Ниту еден наставник нема да остане без работа, ама ќе бидат повеќе ангажирани се со цел нашите ученици да се качат погоре на Писа тестирањето. Учениците ќе ги избираат предметите според нивните афинитети, ќе учат тоа што ги интересира , а наставниците тоа ќе им го предаваат посветено. Се наоѓаме во ера на технолошки напредок, и мора да понудиме образование што се бара бидејќи сме на дното во образованието. Јас упорни ќе ја туркам оваа реформа, ќе разговарам на терен со наставниците и учениците, и одговори на опозицијата Јаневска. (П.А)