Јаневска: Наставникот ќе одлучи дали да се користат телефони на час

Одлуки за училиштата носат општините

39

Општините се надлежни за училиштата и тие може да донесат одлука за забрана на мобилни телефони за време на наставата, изјави министерката Весна Јаневска, одговарајќи на прашање дали МОН може да донесе општоважечка одлука, откако и родители бараат настава без телефони во сите училишта, вклучително и во средните. Министерката рече дека треба да се види дали дава резултати одземањето на телефоните од учениците и да се направи анализа.

-Согласна сум дека кога кај учениците нема мобилни телефони повеќе ќе се фокусираат на знаењето. Но, училиштата се под ингеренции на општините и општините заедно со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука. Но, секако, во ова денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па, оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните, додаде Јаневска.

Ставот на министерката доаѓа откако советите на општините Аеродром и Центар донесоа препораки да се забрани користење на мобилните телефони од почеток до крај на наставата, со цел зголемување на безбедноста на учениците и подобрување на образовниот процес. Препораките се прифатени од училишните одбори и мобилните телефони од неодамна се забранети за учениците од училиштата во овие општини.

Во однос на дојавите за бомби од минатиот петок, мминистерката апелираше училиштата да ги користат само официјалните адреси, затоа што заканите биле испратени на приватни адреси или адреси со други провајдери. Дополнително, рече министерката, училиштата ќе добијат упатство како треба да се постапува во случај на таков напад.

 -Не можам да кажам дека претходното беше лошо упатство, и таму имаше добри нешта. Но веќе е помината една година, работите во светот брзо се менуваат. Кога имаме сајбер напад во државата, тоа вообичаено се случува кај оние меилови кои не се доволно заштитетни, рече Јаневска и најави и други мерки како поставување на камери, ангажирање на обезбедувања, што исто е одговорност на општините, а МОН само ги дава препораките, но ќе направи мониторинг во однос на нивно извршување.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно, во телевизиско гостување истакна дека дојавите за бомби, упатени кон училишта низ земјата минатиот петок, биле испратени од привремени емаил адреси кои се бришат само еден час по испраќањето на заканувачките пораки, што ја отежнува идентификацијата на лицето што ги испратило. Во интервју за 360 степени, Тошковски истакна дека овие закани се дел од хибридни напади кои, иако се лажни, бараат сериозна реакција од страна на Министерството за внатрешни работи и темелна проверка на наводите. Тошковски реле дека формирањето оперативен штаб за справување со дојавите за бомби донел препораки за Министерството за образование и образовните институции, во врска со заштитата на училишните простори, особено во времето кога нема ученици.

 -Полицијата ја зголеми присутноста со патролирање околу училиштата, а дадовме препораки за подобрување на техничката безбедност и за зголемено внимание на чуварските служби. Во иднина, полицијата ќе реагира посоодветно на вакви ситуации, со разлики во одговорот на предизвиците, според тоа како се реагирало во минатото, изјави министерот.

Тошковски потврди дека сите досегашни дојави се лажни, но нагласи дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ги проверува сите наводи, бидејќи сериозноста на заканите бара одговор. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ