Појавата на изработка на магистерски и докторски трудови за кои се плаќаат пари, мора да запре, изјави вчера Весна Јаневска, министерка за образование. На прес-конференцијата, на којашто зборуваше за зголемените буџетски средства наменети за образованието годинава, таа рече дека во МОН сериозно се работи во тој правец.
Јаневска одговори на новинарско прашање на весникот ВЕЧЕР врзано за појавата со огласи на социјалните мрежи, во кои се нуди изработка на магистерски или докторски труд за одредена сума на пари.
-Нема тука што да мислам ниту дали има потреба, таа појава мора да запре. Како министерство веќе сериозно работиме во тој правец да воведеме стандарди, но и мониторинг на случувањата во високото образование, во високообразовните и научните институции кои исто така имаат право да работат со кандидати што изготвуваат магистрериуми или докторати. Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме е секојдневно, според можностите што ни ги дава Законот и според човечките капацитети што ни се на располагање, да сме присутни во сите високообразовни и научни институции, рече таа.
Таа вели дека веќе има одреден напредок и во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања.
-Вчера го затворивме шестиот институт, одредени луѓе се отпуштени од работа, разговараме со универзитетите да направат сериозни промени и во студиските програми, но и во начинот на кој ги избираат кадрите што треба понатаму да ги образуваат младите, рече Јаневска.
Весникот ВЕЧЕР неодамна објави повеќе статии врзани за долгогодишното постоење на јавни огласи преку кои поединци нудат изработка на магистериуми или докторати за сума од 300, 400, 500 евра. Авторите на вакви трудови на нарачателите им гарантираат добивање на највисоки оценки и избегнување на опасноста трудот да биде откриен како плагијат. (Б.Ѓ.)