Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави денеска Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.
Јаневска претпоставува дека учениците и родителите прават најдобро што можат за да стигнат до училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува.
-Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град на Македонија да не им се овозможи на учениците да добијат соодветно образование. Искрено се надевам дека ќе се изнајде решение. Се надевам дека градските власти најсериозно ќе ја сфатат оваа ситуација, рече министерката и ги поддржа студентите за најавениот утрешен протест пред Град Скопје за решавање на проблемот со градскиот јавен превоз.
-Апсолутно се во право и имаат право на соодветен начин да го изразат револтот. Ако ова е единствениот начин за да најдат решение, јас ги поддржувам, истакна Јаневска пред медиумите.