Сите се безбедно евакуирани од пожарот што го зафати старечкиот дом во кавадаречкото село Чемерско. Тоа го потврди градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
– Нема жртва, тоа е најбитно. Приоритет беше да се извлечат на безбедно сите лица што престојуваат во домот. Имаме пратено два минибуси, пет амбулантни возила и ќе се транспортираат сите до Општата болница Кавадарци, од каде што семејствата ќе може да си ги земат – истакна Јанчев.
Евакуирани се 30 лица што биле сместени во старечкиот дом, од кои пет неподвижни. Регионалниот центар за управување со кризи од Велес информира дека на терен се 10-мина пожарникари со три противпожарни возила, а, исто така, и три медицински тима и две полициски коли со осуммина полицајци. Според првичните информации, прво се запалил оџакот, а од него покривот на домот.