Фирмата создава профит, Комората логистички ја помага за да има профит, а државата живее од тој профит зашто компанијата редовно ги плаќа даноците. Ова во третата епизода на подкастот „Бизнис-клуб”, беше истакнато во разговорот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со м-р Митко Јанчев, сопственик и управител на ДПТУ „Кожувчанка” од Кавадарци и градоначалник на Општина Кавадарци. Во подкастот Јанчев говори дека за успех на една општина, нејзината достапност и отвореност спрема бизнисот се важни за развој на бизнисот.

– Градоначалникот мора да се стави во функција на граѓаните и на бизнисот, кој ја поддржува Општината со плаќање даноци и преку донации за реализација на активности во делот на инфраструктурата, здравството и на јавниот живот. Кавадарци, во чиј регион се наоѓаат најголемите компании, е најиндустрискиот град во државата и втора општина според БДП која ја полни државната каса – истакнува градоначалникот Јанчев.

Според бизнисменот Јанчев, фокусот на државата треба да биде на подигнување на економијата, но без Комората и без бизнисот нема развој на економијата и движење на државата напред.

– Бизнис-секторот треба да биде поблиску до државата, до општините и до  работниците за да има една целина и за државата да се движи кон успех – вели Јанчев.

Во разговорот со претседателот Азески, осврнувајќи се на изјавата што ја дал претседателот Азески на еден од состаноците на УО на Комората дека „не е добра онаа компанија која прави најголем профит, туку добра компанија е онаа која долго време опстојува на пазарот”, бизнисменот Јанчев го искажа својот став дека профитот што го остварува компанијата мора да се реинвестира.

– Профитот што го прават компаниите не се пари на сопствениците, туку на компанијата. Ако компанијата не го реинвестира профитот и не вложува во иновативни методи, модернизација на процесите, намалување на трошоците, како и во кадарот, набрзо ќе пропадне – истакна м-р Јанчев.

Според Јанчев, по одржливоста на компанијата „Кожувчанка”, која е прва со 24% учество од вкупниот удел на пазарот за пијалаци, следна цел на компанијата е извоз и конкурентност надвор од Македонија, со минимум загуби.

ИЗДВОЕНИ