EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Селекторот на швајцарската репрезентација, Мурат Јакин, ги кажа своите впечатоци по победата над Италија од 2:0 и пласманот во четврт-финалето на Европското првенство во фудбал.

  • Победивме на исклучително важен натпревар и тоа е единственото нешто што е важно. Што ќе се случи понатаму е сосема друга приказна. Доминиравме на сите делови од теренот, постигнавме голови во вистинско време. Не гледам подалеку од овој натпревар. Важно е сега да си дадеме време да разбереме што постигнавме – истакна Јакин по натпреварот.

По мечот, ја потапка стативата.

  • Таа статива можеше да ни направи многу проблеми откако поведовме, но испадна дека имавме среќа, топката удри во стативата. Треба малку среќа на вакви натпревари. За среќа, стативата играше за нас вечерва – додаде Јакин.

Швајцарија е фаворит од сенка.

  • Изгледаме добро, имаме добар план за игра и мислам дека сме добар тим. Но, мораме да останеме цврсто на земја. Расположението во соблекувалната е одлично и можеме да се фокусираме само на фудбалот без никакво одвлекување. Нема лоши ривали на ЕП, но покажавме дека можеме да се справиме со гигантите како Германија и Италија. Се фокусираме на себе. Не сакаме потенцијалните противници да нè вознемируваат. Мислам дека вечерва испративме важен сигнал што и колку можеме да направиме – заклучи Јакин.

Од друга страна, голманот на Италијанците, Џиџи Донарума, е разочаран од елиминацијата на својата селекција.

  • Боли што завршивме вака, им се извинуваме на сите. Разочаравме, а Швајцарија заслужи да помине. Се мачевме цел натпревар, во првото полувреме загубивме премногу топки, оставајќи премногу простор. Беше тешко, недостигаше сè, дури и квалитет. Имавме лошо прво полувреме, бидејќи тие секогаш ја имаа топката во своите нозе, и ние веднаш примивме гол – изјави Донарума.