За Велигден ќе има доволно јајца на домашниот пазар, бидејќи има максимално производство, а има и увоз. Како традиционален производ, кој е дел од велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количества во трговските мрежи, на пазарите и во фармерските продавници. Производителите велат дека вообичаено за Велигден има зголемена побарувачка, но и максимална исполнетост на капацитетите за се одговори на потребите на пазарот. Со други зборови велат дека ќе има доволно јајца и за вапсување и за торта.
-Капацитетите за производство се зголемени, а со тоа и бројот на несилки и на јајца. Во моментов на пазарот нема недостиг на јајца, а има и малку повеќе од потрошувачката. За Велигден има зголемена побарувачка, но не очекуваме дека ќе има недостаток, бидејќи сите производствени капацитети се на максимум. Имаме и извоз, но тој извоз не е поголем од претходно. Ние имаме договори кои мора да ги почитуваме. Мора да си го осигуриме пласманот за понатаму. Ќе помине Велигден и ние потоа што ќе правиме со јајцата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Абдулезел Догани, претседател на Групацијата на живинарство при Стопанска комора на Македонија.
Што се однесува до цените на јајцата, Догани вели дека нема да има покачување со оглед на тоа што на сила е Одлуката за замрзнати маржи до 30 април. Моментално јајцата се продаваат по цени од 1 февруари. Зависи од големината и од производителот табла од 30 јајца М-класа се продава по цени од 210 до 250 денари, а Л-класа, од 240 до 280 денари.
-Секој добавувач треба да достави минимум 70 отсто од количествата што ги доставувал во јануари кога исто така имавме зголемена побарувачка поради празниците. Значи согласно одлуката и да сакаме не можеме да испорачуваме помалку од тие количини кои сме ги испорачувале за време на новогодишните и божиќните празници. Освен тоа имаме комерцијални договори со нашите купувачи со кои соработуваме повеќе од 20 години и сега нема да ја изиграме нивната доверба и довербата на потрошувачите, објаснува Догани.
Во врска со актуелната побарувачка на консумни јајца во периодот пред Велигден, Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија ги информира граѓаните дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволно количество квалитетни и безбедни консумни јајца.
Најголемите производители и извозници на јајца, најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација.
Од Групацијата ги потсетуваат потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители.
(А.С.)