Цената на јагнешкото пред претстојните велигденски празници ќе порасне и се очекува еден килограм да се продава над 660 денари во маркетите и во месарниците. Голем дел од македонските јагниња и годинава ќе се пласираат на пазарите во Италија, помал дел во Хрватска, но ќе има доволни количини и за домашниот пазар. Со оглед на тоа што извозниот шпиц ќе биде пред празникот, сточарите велат дека прво ќе се задоволат потребите на домашниот пазар, а тоа што ќе остане ќе оди за извоз.
– Годинава, католичкиот и православниот Велигден се во исто време, што значи дека извозниот шпиц ќе се поклопи со зголемените потреби на домашниот пазар. Тоа значи, истото јагне што ќе оди за Италија ќе биде и за нашиот пазар, со тоа што приоритет ќе имаат домашните купувачи. Цената за домашниот пазар ќе биде слична како онаа по која ќе се увезува во Италија – 11 евра, односно околу 660 денари за килограм. Инаку, во моментов, јагнешкото во Италија се продава по 10,70 евра на големо, но се очекува цената да расте и да биде над 11 евра. Со оглед на тоа, се очекува да се зголеми и откупната цена во шпицот и таа да биде 250 денари за килограм жива мера – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Георгиев, претседател на Сојузот на овчари.
Во моментов, јагнето на домашниот пазар се откупува по цена од 210 до 230 денари за килограм прва класа, кое многу ретко се наоѓа. Георгиев вели дека надвор од шпицот, откупната цена на јагнето била ниска, но дека јагнето мора да се продаде кога ќе ја достигне продажната големина.
– Не може да се чека шпицот за да се постигне повисока цена. Растот на јагнето е два месеци, што значи за 60 дена мора да се продаде, поради тоа многу е важно да има континуиран откуп на јагниња во текот на целата година. Имаше години кога се наоѓаше пазар и за тоа потешко јагне, што не беше случај оваа година. До 35 килограми може да се извезуваат, но не поголеми од тоа. Јагнињата стари повеќе од пет месеци тешко се продаваат. На одредени сточари, јагнињата им беа вратени од кланица. Тоа не е во ред и треба да се испита зашто е тоа така – вели Георгиев.
Тој апелираше до надлежните институции дека мора да се исплатат субвенции, бидејќи во ваква тешка година, кога се манипулира со откупот и со цените, исплатата на субвенциите треба да биде приоритет.
Претседателот на Сојузот на овчари вели дека не го поддржува протестот на сточарите од Прилеп, бидејќи верува дека ќе се реши проблемот институционално. Но, го разбира нивниот револт бидејќи не можат да го продадат својот производ, односно јагнето, поради тоа што имаше пречки во откупот и во извозот на јагнешко.
Сточарите од Пелагонискиот Регион реагираат на, за нив, ниската откупна цена од околу 210 денари за килограм, на неисплатените субвенции за 2024 година и бараат укинување на мерката со која се обврзани 50 отсто од јагнињата да ги „испорачаат“ во кланиците.
Тие сметаат дека тоа предизвикува јагнињата да бидат стари и голем дел остануваат непродадени. Сточарите бараат и да им се исплатат субвенциите за минатата година.
– Откупната цена на јагнето, за нас, е ниска. Голем проблем е мерката со која мора 50 проценти од јагнињата да се носат во кланица и ако не ги однесеме, нема субвенции. Тие ни ја одредуваат цената и ние, со ова, немаме простор за пазар. Бараме итно да се укине мерката, ако може да ни помогне министерот за земјоделство, за да може барем да го предадеме јагнето, оти е во поодмината фаза и е надраснато. Друг проблем е исплатата на субвенциите за минатата година. Исплатата беше договорена во февруари, по лозарите, да се исплатат сточарите, кои не се исплатени до денес – изјави Боби Бошевски, сточар од Пелагониско.
Според сточарот Кирил Стефановски, околу 70 отсто од јагнињата во Пелагониско се надраснати и неоткупени.
– Прераснатите јагниња не може да ги извезуваме на италијанскиот пазар. Во други земји, како Албанија, Бугарија, може, но не за европскиот пазар. Во Пелагонискиот Регион има околу 70 проценти јагне останато дома, кое не е продадено и е прераснато. Има непродадено јагне токму поради мерката да испорачаме 50 отсто од јагнињата во кланиците. Сите досегашни напори да наидеме на заедничко разбирање со Министерството не вродија со плод – рече сточарот Стефановски.
Откупот на јагнињата за велигденските празници ќе биде интензивен уште десетина дена.
(А.С.)