Возачот на КТМ, Џек Милер, изјави дека имал среќа да остане неповреден по тешката несреќа во текот на трката за Големата награда на Малезија, во рамките на Мото ГП шампионатот.

Инцидентот се случи во првиот круг од трката во Сепанг, а покрај Милер, во судирот учествуваа и неговиот тимски колега Бред Биндер и Фабио Квартараро од Јамаха, во чиј мотоцикл Милер удри со глава. Возачот на Хонда, Џоан Мир, пак ги прегази нозете на Милер.

На Милер веднаш му била укажана помош, а потоа е пренесен во медицинскиот центар покрај патеката, каде што било утврдено дека не е тешко повреден.

  • Имав среќа да се извлечам… Благодарам на сите за убавите пораки – изјави 29-годишниот возач на социјалните мрежи.

Трката беше прекината по инцидентот, а кога продолжи, Биндер се обиде да се врати на патеката, но мораше да се откаже поради болки во левото рамо. Од друга страна, Квартараро ја заврши трката на шестото место.

  • Ова беше добар потсетник за ризиците со кои се соочуваат нашите возачи секогаш кога ќе излезат на патеката. Бред и Џек беа вклучени во сериозен инцидент во првиот круг, но ние сме повеќе од благодарни што двајцата се безбедни и што излегоа од него релативно неповредени – изјавија од тимот на КТМ.

На претпоследната трка сезонава победи актуелниот шампион Франческо Бањаја од Дукати, пред ривалот за титулата, Хорхе Мартин од Прамак. Со оглед на расплетот на настаните, последната трка ќе го даде шампионот во кралската класа, а во генералниот пласман води Мартин со 24 бода повеќе во однос на второпласираниот Бањаја.