Освен праските, кајсиите, сливите и црешите измрзнаа и јаболката во Преспа. Според првичните проценки од терен штетите изнесуваат над 60 милиони евра. Измрзнати се од 80 до 100 отсто од јаболката, а штетите од измрзнувањето ќе се рефлектираат и врз наредната реколта. Овоштарите велат дека јаболката годинава освен што ќе ги нема, ќе бидат многу скапи, а можат да достигнат и до 100 денари за килограм. Тоа ќе го почувствуваат граѓаните врз својот џеб, бидејќи јаболката се најупотребувано овошје. Комисијата за утврдување на штети е на терен и се прават проценки на штетите од мразот, а агрономите препорачуваат овоштарите да почнат со употреба на средства кои ќе им помогнат за регенерирање на јаболката.
-Штетите од пролетниот мраз се огромни. Во зависност од регионот измрзнувањето на јаболката во Преспа изнесува од 80 до 100 отсто. Се проценува дека штетите од измрзнувањето изнесуваат над 60 милиони евра. Овоштарите се во очајна состојба затоа што овоштарството е долгогодишна култура и бара огромни вложувања во одржување и заштита. Поради тоа, согласно Законот за заштита и спасување потребна е финансиска поддршка од државата за да се преброди оваа криза, изјави за весникот Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Според него, со оглед на тоа што најголем дел од населението во Преспа егзистира од овоштарство, ќе се соочи со егзистенцијални проблеми.
-Освен јаболката целосно се измрзнати и праските, а големи штети претрпеа и кајсиите и црешите. Според првичните согледувања, досегашните штети кај праските изнесуваат околу 6 милиони евра. Ова е голем удар за земјоделците во Росоман, Валандово, Кавадарци, Преспа… Има штети и врз насадите со сливи во Малешевијата и Прилепско. Овие доцни мразеви негативно ќе се одразат врз снабдувањето со овошје. Годинава ќе имаме недостиг на овошје и високи цени, додава Каракашев.
Според Горан Стефановски, раководител на работна единица Ресен што е во состав на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство, над 3.000 хектари со јаболкови насади целосно ќе бидат уништени во овој неочекуван студен бран што ја зафати и Преспа.
-Годинешниот род од ајдарет, кој е застапен со околу 60 насто од вкупните јаболкови површини, потоа сортите „муцо“, „златен делишес“, „црвен делишес“, „фуџи“, „чадел“ и останатите сорти јаболка со овој студен бран се целосно уништени, а со тоа и јаболковиот род во Преспа, изјави Стефановски.
Овоштарите велат дека штетите се големи, бидејќи јаболката беа во ‘розе пупка’. Допрва ќе видиме што и колку ќе може да се спаси.
Агрономите препорачуваат овоштарите да почнат со употреба на средства кои ќе им помогнат за регенерирање на јаболката.
-За да се спаси дел од родот овоштарите треба да употребат повеќе аминокиселини и други средства кои ќе им помогнат за регенерирање на јаболката. Овие хемиски препарати ќе им помогнат на овошките да се изборат со стресот од минусните температури што ги доживеаја, вели за весникот ВЕЧЕР, Владимир Лабачевски од земјоделска аптека „Агромедика“.
Во Преспа под јаболкови насади се над 3.000 хектари, а од нив најмногу е застапена јаболковата сорта „ајдарет“, но и други преспански јаболка.
(А.С.)