Ја омажија другарка ми на 13 години за 24-годишно момче

155

Останува проблемот со малолетничките бракови во Прилеп и општините Кривогаштани и Долнени, а целата заедница треба да ги зајакне превентивните мерки. Иако бројките на регистрирани малолетнички бракови последните три години се исти, секоја година по 10 малолетнички брака, голем е проблемот што не се знае колкав број малолетници живеат во вонбрачна заедница.

Средношколката Исидора Николски од училиштето „Ѓорче Петров“ раскажува дека нејзина другарка уште на 13 години се омажила.

– Нејзините родители ја омажија во Битола за 24 годишно момче. Таа потоа роди дете, но по една година се разведе, ама поради тоа што е малолетна, има проблеми со старателството врз детето. Ова е тажна приказна и се надевам ќе се сфатат последиците од малолетничките бракови – потенцираше Николоски.

Јасминка Митреска, социјален работник, раководител на служба за социјална заштита при Центарот за социјални работи во Прилеп вели дека оние што склучиле малолетнички брак од муслиманската националност немаат завршено деветто одделение, а оние од ромската националност немаат ниту почнато образование.

– Во нашава и уште во другите две општини, Кривогаштани и Долнени, последниве три години бројот е константен. Единствено што се менува за малолетничките бракови е според националноста. Во 2022 и во 2023 година, 70 насто од малолетничките бракови се од муслиманската националност, додека, пак, оваа година 60 насто се од ромската националност – вели Митреска.

Според законот, во брак може да стапат малолетници од 16 години, но покрај сета документација, треба да имаат и согласност од родителите. Во Центарот, советодавно работи тим од социјален работник, психолог, педагог и правник. За состојбата со малолетничките бракови, Митреска како главна причина го посочува семејството.

– За оваа појава сметаме дека родителите се недоволно насочени кон децата дома. Можеби се преокупирани со други обврски, со работа, обезбедување егзистенција и не обрнуваат доволно внимание каде им се децата, што прават во слободното време, дали се на училиште. Пред сѐ, сите проблеми почнуваат од семејството – објаснува Митреска, потенцирајќи дека е потребно превентивно да се делува, со организирање трибини, делење на флаери, а во училиштата да се посочува значењето на образованието.

Директорката на прилепското средно училиште Жанета Видевска посочува дека многу често се случува малолетни ученички да влезат во малолетнички бракови пред полнолество.

-За да ги спречиме малолетничките бракови, често организираме работилници. Вклучени се професорите, педагошко-психолошката служба. Ученичките се повикувани на разговор, се советувани, но за жал, речиси никогаш не наидуваме на разбирање и го прават тоа што го наумиле – објаснува Видевска.

Според Светската здравствена организација, секојдневно околу 39.000 млади девојки ширум светот се мажат пред да наполнат полнолетство. Повеќе од една третина од нив се помлади од 15 години.