„Самата Сара беше музика, музика со која се радувавме, музика со која тагувавме“,„Се шегуваше дека во некој минат живот била сопруга на Бетовен, ја обожаваше неговата музика“, „Ќе ја паметиме по широката насмевка, нејзината заразна смеа и ведрина“, „Беше врвен професионалец и соработник, но и пријател со кој поминувавме незаборавни моменти“…

Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во која беше одржана комеморација во чест на Сара Пројковска, вонреден професор на ФМУ, но и придружен вокал на ДНК, која го изгуби животот во трагичниот настан во Кочани,  денес беше претесна да ги прими сите нејзини пријатели, соработници, музичари, но и нејзини студенти. Во емотивна атмосфера, со едноминутен молк, свеќи и пијано на сцена, но и звуците на Бах и Бетовен и песна специјално напишана за неа, присутните меѓу кои беше и нејзиното семејство, но и професори, нејзини колеги од ФМУ, од МОБ и МНТ, македонската естрадна музичка сцена… за последен пат се простија од Сара. Велат, таа остави неизбришлива трага во музиката, но и во нивните животи…

Дарија Андовска, композиторка и пијанистка, деканка на ФМУ, ги потсети присутните на сите врвни успеси и награди од настапите на Сара, а тие се бројни и во државата и надвор од нашата земја.

Во нејзина чест оркестарот на ФМУ изведе дело од Бах, а Дино Имери од Бетовен…

Сара Пројковска, родена на 30 декември 1977 година во Скопје, нижото и средното музичко образование го заврши во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на одделот за пијано. Својата академска и професионална кариера ја продолжи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што магистрираше, а потоа и работеше како вонреден професор на Катедрата за клавишни инструменти и харфа. Таа пееше и придружни вокали на речиси сите поп-пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години во 2021.

Нејзините пријатели и соработници ја опишуваат како многу позитивна личност, секогаш подготвена да помогне, и со која им било чест да се познаваат и дружат низ годините. Таа беше самохрана и посветена мајка на две деца, на Јана и Марко, неуморно борејќи се до последниот миг за нивната подобра иднина.

„Музиката беше нејзиниот живот. Нејзината најголема пасија беше пеењето, а како вокал соработуваше со многу од најпознатите имиња на македонската музичка сцена. Благодарни сме и чест ни е што бевме дел од нејзиниот живот, затоа што таа нè облагородуваше, нè исполнуваше со радост, љубов и внимание. Таква ќе ја паметиме засекогаш“, вели семејството на Пројковска.

Сара Пројковска беше погребана на гробиштата во Горно Лисиче на 20 март.

 

ИЗДВОЕНИ