Венчалниот прстен што фармерот Јоханес Брандхубер го изгубил додека ги хранел кравите со силажа од овес на неговата фарма во Симбах ам Ин во јужна Германија подоцна се појавил во локална месарница, објави Passauer Neue Presse.
Брандхубер (32), кој се оженил пред само две години, го изгубил прстенот едно неделно утро во ноември и мислел дека е засекогаш изгубен. Но, само четири месеци подоцна, тој доби телефонски повик од Јозеф Штајнлајтнер, месар во Вилшофен ан дер Донау, град оддалечен околу педесет километри.
Неговиот персонал го пронашол прстенот во руменот, најголемиот дел од дигестивниот систем, на кравата наречена Херзал (Мало срце на баварскиот дијалект), именувана по белата дамка во облик на срце на нејзиното чело.
„Никогаш не сум видел вакво нешто, уникатно е“, вели Штајнлајтнер, месар со повеќе од 40 години искуство. Прстенот е откриен исклучиво затоа што, во согласност со 135-годишната семејна традиција, во таа месарница рачно се касапат животните, рече тој.
„Среќна случајност е да се најде толку мал предмет“, рече тој, додавајќи дека претходно забележал дека малите метални предмети, како што се завртките, често завршуваат во руменот. Брандхубер рече дека всушност се откажал од надежта дека прстенот ќе биде пронајден, но неговата сопруга не. „Беше многу задоволна кога беше пронајден прстенот“, рече тој.
Забележувајќи дека го загубил прстенот, прво ја пребарал шталата од горе до долу, но безуспешно, а потоа на сопругата и купил втор прстен. Оригиналниот прстен беше малку оштетен по неколку месеци, а иницијалите се едвај видливи, рече г-ѓа Брандхубер.