Од затворот во Куманово каде што ја издржува мерката притвор, убиецот на 29 годишната штипјанка Емилија Пешева,беше спроведен во Основниот суд во Штип, каде му се суди за грозоморното убиство на неговата партнерка. 25 годишниот Фадил Зејнелов, призна дека до смрт ја задавил младата девојка со која има и малолетен син. Родителите на Пешева бараат доживотна казна затвор
-Очекувам судот да му пресуди на монструмот што ни ја отепа ќерката доживотен затвор.Тој не се кае, измислува, тој е ладнокрвен убиец, вистината е дека ја давел, ја оставил да умре и заминал да игра комар. Ја користеше и ги коцкаше парите. Ни остави дете сираче, не оди на школо си ја бара мајката, не може да се навикне без неа, знае дека е убиена. Ја нема Емилија, болката не можам да ја опишам, само ако му дадат доживотно ќе се смирам, во болка изјави таткото на убиената девојка, Слободан пешев
Семејството беше во судницата додека обвинителката го читаше обвинението. На убиството му претходела расправија помеѓу Емилија и Фадил бидејќи таа сакала да го остави. Полицијата, штипското Обвинителство и Центарот за социјални работи знаеле дека таа била жртва на семејно насилство бидејќи иако пријавувала, сепак се откажувала да го гони поради стравот од насилството.Само неколку дена пред да ја задави Фадил до смрт, Емилија требало да однесе во Обвинителството лекарско за повредите од ќотек, но не се појавила на договореното.
Нејзнината мајка Џемиле Сала вели дека Фадил нон стоп ја тепал Емилија, но не само тој туку и другите девојки со кои ја изневерувал. Паричната помош од негата која ја земала за болеста епилепсија и детскиот додаток за детето, убиецот и ги коцкал, па често останувале без храна, поради што Емилија седела кај родителите.
– Се закани дека ќе ја убие. Имаше и други девојки, со нив просеше, и тие ја тепаа. Беше болна од епилепсија зимаше нега и детски доаток , ја тепаше и ги зимаше парите на секој почеток од месецот. Јавив во социјалното им кажав. Вечерта сакаше да му раскине, рече ќе одам ќе го оставам, беше околу 6 попладне. И реков не оди ќе се случи нешто лошо, но таа боса отрча. Кога му кажала дека ќе го остави, од каде тој после пари и се случи тоа што се случи, најлошото. Го молам судијата да го осуди доживотно, како мајка го молам, низ плач кажа мајката на Емилија Пешева.
Убиството на 29-годишната Емилија Пешева е фемицид, а кривичното дело е предвидено во новиот закон за кривична постапка. Жртвата и претходно пријавувала насилство, но постапката против нејзиниот убиец сама ја запрела на 2 септември, потврдија по грозоморното убиство од Центарот за социјални работи во Штип. Образложението и било дека, предупредувањата од полицијата имале влијание врз неговото однесување, но и дека ќе ја заштитат родителите. По убиството на Емилија реагираа од невладините организации и од партијата Левица, од каде побараа стореното кривично дело „телесна повреда“, да нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето да биде целосно препуштено на надлежните органи и да се гони по службена должност, а сторителот да биде со сигурност казнет.
Жртвите најчесто насилството го пријавуваат во полиција или на телефон на невладина организација. Полицајците треба да ја сослушаат жртвата и да ја придружуваат до лекар доколку дошло до физичко насилство. Но, на жртвата останува одлуката дали понатаму ќе сака кривично да се гони насилникот. Доколку жртвата се одлучи да го тера процесот, во него се вклучуваат и инспекторите за семејно насилство, а жртвите може да се сместат во сигурносни куќи. Ако има деца кои се останати кај насилникот, му се одземаат и за нив се грижи Центарот за социјални работи и тие се сместуваат заедно со жртвата. Полициската работа завршува со формирање на кривична пријава, а потоа случајот се води во обвинителството. Со осудителната пресуда најчесто се изрекуваат мерки, осудениот да оди на лекување, да не се приближува до жртвата, да посетува советувалиште. (П.А)