Сојузниот судија Џон Кафенор во Сиетл денеска привремено ја блокираше извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп со која се става крај на уставната гаранција за државјанство со право на раѓање, нарекувајќи ја „очигледно неуставна“ за време на првото рочиште во обидот на неколку држави да ја оспорат наредбата.
Кафенор постојано го прекинуваше адвокатот на Министерството за правда, Брет Шумат, за да праша како може да ја смета наредбата за уставна, објави АП.
Привремената забрана што ја бараат Аризона, Илиноис, Орегон и Вашингтон се применува на национално ниво.
Ова е една од петте тужби поднесени од 22 држави и бројни групи за правата на имигрантите низ целата земја.
Извршната наредба на Трамп, која тој ја потпиша на денот на инаугурацијата, треба да стапи на сила на 19-ти февруари.
Ова може да влијае на стотици илјади луѓе родени во САД, според една од тужбите.
Во текот на 2022 година, околу 255.000 деца се родени од мајки кои живеат во земјата илегално и околу 153.000 деца чии двајца родители живеат нелегално, според тужбата поднесена од четири држави во Сиетл.
Администрацијата на Трамп во документите поднесени во средата тврдеше дека државите немаат основа да поднесат тужба против наредбата и дека сè уште не е направена никаква штета, па не се бара привремена помош, пренесува Танјуг.
Административните адвокати, исто така, појаснија дека извршната наредба се однесува само на лица родени по 19 февруари, кога е предвидено наредбата да стапи на сила.
Соединетите Американски Држави се меѓу околу 30 земји кои применуваат државјанство по раѓање, според АП.