Нема докази дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен сериозно да се вклучи во мировни преговори со Украина кои не ги поддржуваат неговите максималистички цели, објави денеска „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на три извори од раузнавачките служби.
Извори на „Си-Ен-Ен“ велат дека додека американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Путин „сака да престане да се бори“ и дека не сака контрола над цела Украина, рускиот претседател останува фокусиран на потчинување на земјата на Русија или „обезбедување мала, слаба украинска држава зависна од Москва“.
„Доколку се постигне прекин на огнот, тогаш прекинот на огнот е само време Путин да се одмори и повторно да се вооружи и да се врати назад и да го добие остатокот од она што го сака. Не видовме никакви индикации дека неговите амбиции се промениле“, рече еден од изворите.
Неименувани извори тврдат дека Путин „веројатно ги гледа разговорите со САД за иднината на Украина како можност Русија да се врати на светската сцена како нормална земја“, а не „економска и дипломатска параја“.
Западните разузнавачки претставници веруваат дека руската економија веројатно би можела да ги одржи воените напори до следната година.
„Русија нема поттик да направи некои значајни отстапки за Украина. Според мислите на Путин, тој сè уште победува. Тој победува побавно отколку што сака, но сепак победува“, рече изворот.
Трамп во средата рече дека рускиот претседател Владимир Путин сака војната во Украина да заврши и дека мисли дека ќе дојде до прекин на огнот „во не толку далечна иднина“, пренесува Танјуг.