Извлечени шестмина планинари, еден колабирал, петмина се изгубиле

42

Во сабота бил спасен еден планинар, кој сериозно колабрирал на високите места кај Титов Врв на Шар Планина, а вчера, во истиот планински предел, загубени во густа магла биле спасени и извлечени петмина планинари. Тие се искачиле при сончево време, но кога почнале да се спуштаат ги поклопила густа магла, па се изгубиле.

Од ЦУК информираат дека планинарот, кој бил спасен во саботата, бил со група од 20 планинари од коишто десет биле и многу уморни, па и тие биле превезени, односно биле вратени долу на безбедно, со ратрак. Според информациите, колабрираниот планинар би бил во многу голема опасност ако групата самостојно го извлекувала при студеното време, бидејќи извлекувањето на неподвижниот човек би траело повеќе часови и би имало опасност од хипотермија.

Вчера, пак, времето од сончево, за многу кратко време се променило околу Титов Врв и групата од пет планинари била „поклопена“ од густа магла, поради што се изгубиле, иако биле и членови на планинарски клубови од Скопје и Куманово. Биле извлечени со неколку возила „ратрак“ (возило со големи и широки „гасеници“ што може да оди по длабок снег и студени зимски услови)

Од ЦУК посетуваат и апелираат до планинарите и посетителите на планините коишто се искачуваат на повисоките врвови в зима, да одат во групи, при што е пожелно да имаат планинарски водичи или искусни планинари со нив, а и да имаат превентивно минимални средства со нив за итни (кризни) персонални ситуации. При тоа, од основно стратешко превентивно значење е да имаат мобилни телефони, а и други комуникациски уреди, потоа полни батерии за комуникациските уреди, а и дополнителни уреди за чување електрична енергија за дополнување на мобилните телефони.

Воедно, предупредуваат, во кризна, односно животозагрозувачка ситуација да се побара брзо локација каде што има сигнал и интернет, за побрзо јавување на  112 во ЦУК. При тоа, додаваат дека по јавувањето на 112 е пожелно многу да не се менува локацијата, бидејќи во момент на јавувањето се земаат координатите за нивната местоположба, но и да се чекаат спасителите и по потреба да се комуницира со нив.

– Секако, и секогаш со себе е пожелно да имаат барем малку резерва храна и вода, а и некое дополнително парче топла облека и малу средства за палење оган зиме, односно при влажни услови – потенцираат од ЦУК. 

ИЗДВОЕНИ