„Денес стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме. А мораме затоа што предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно нè доведува овде на раб на трпението и достоинството… Министерствата во името на правдата најнеодговорно се понесоа кон вработените во институциите, не давајќи им никакви навремени насоки за постапување при новите пресметки на плата. Најверојатно да го уживаат самиот чин на воајерство на празните трпези за Велигден на над 3.000 вработени, притоа, знаејќи ја цената, но не и штетата од направеното… “, истакна Вера Атанасовска, претседател на Синдикатот на културните работници. Вработените во културните институции чера со свирежи и транспарент на кој пишуваше „Извини Зоки, ‘морално’ (ли) беше“ го искажаа револтот пред Министерството за култура и туризам

 

„Велигден го дочекавме без пари и со празна трпеза, чекајќи ресорните министерства да го ‘протолкуваат’ колективниот договор и да утврдат колкава плата ќе ни исплатат?!“, велат културните работници кои и вчера, првиот работен ден по велигденските празници излегоа на протест пред Министерството за култура и туризам, барајќи да им биде исплатена мартовската плата. Како што велат, причина за овој протестен совет е ударот врз достоинството на културните работници, ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите и оставање на над 3.000 вработени во културата за велигденските празници без пари.

„Денес стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме. А мораме затоа што предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно нè доведува овде на раб на трпението и достоинството. Групата од само пет ‘суперхерои’, кои себеси се нарекуваат ‘министерството’, и оваа година не пропуштија да нe разочараат. Храбро се бореа да зачуваат една традиција на протести во април на културни работници. Тие во името на правдата најнеодговорно се понесоа кон вработените во институциите не давајќи им никакви навремени насоки за постапување при новите пресметки на плата. Најверојатно да го уживаат самиот чин на воајерство на празните трпези за Велигден на над 3 000 вработени, притоа, знаејќи ја цената, но не и штетата од направеното… А ова се случува во Министерството кое постои за нас“, истакна на протестот Вера Атанасовска, претседател на СКРМ.

Синдикатот на културните работници на Македонија вчера со свирежи и транспарент на кој пишуваше „Извини Зоки, ‘морално’ (ли) беше“, упатија повеќе барања до Министерството за култура и туризам.

Почитување на колективните договори и закони, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со институциите, стрaтегија за развој на културата и закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување и соодветни унапредувања и валоризација на стручните звања, се дел од барањата кои Атанасовска во име на културните работници ги упати до ресорното министерство.

Инаку, од Синдикатот за култура велат дека секој март од 2021 па наваму, кога се коригира минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата, според Колективниот договор за култура, и оваа година, вработените во културата се соочија со проблеми. Овој пат – и без плата.

„За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според колективниот договор за култура, или се спорни 10 проценти според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок. Иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата беа пуштани спинови дека културните работници не ја заслужуваат платата што ја земаат, дека не работат ништо, се манипулираше со висините на платите во културата и сл. Цел март и почетокот на април наративот насочуван спрема вработените во културата беше дека платата која ја земаме е незаконска,

потоа неуставна, дека колективниот договор за култура е истечен, дека е штетен, дека вработените треба сами да се откажат од своите права. Следеа и стандардните игри со пресметките за плата, кои институциите ги направија според законите и колективните договори, но кои не беа прифаќани од Министерството за култура и беа враќани назад“, објаснуваат од Синдикатот за култура од каде што велат дека  според колективниот договор за култура платата требаше да се исплати до 10 во месецот, а според законите во Република Македонија до 15. Вработените вчера посочија и дека платата сè уште не ја добиле.

Оттаму додаваат дека доколку се случи неоснована преправка на платите, СКРМ ќе поднесе кривични пријави до директорите за непочитување на колективните договори и законите, иако во конкретниот случај се најмалку виновни, но се најмногу одговорни, а ќе бидат информирани и странските амбасади и претставништва, особено на Европската Унија и на САД, „за кршење на загарантираните уставни и работнички права во Република Македонија“.

Од Министерството за култура и туризам, пак, минатата недела информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена оваа недела согласно Законот и Колективниот договор. Причините за доцнењето, како што наведоа од министерството, се поради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии. (Д.Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски

 

ИЗДВОЕНИ