Израелските војници упаднаа во болницата на северот во Газа: Наредија евакуација на пациентите

99

Израелските војници денеска упаднаа во болницата Камал Адван, една од трите здравствени установи во северниот дел на Појасот Газа, наредувајќи на десетици пациенти и стотици други да се евакуираат, соопштија палестинските власти.

Палестинското Министерство за здравство на територијата со која управува исламистичкиот Хамас соопшти дека изгубило контакт со персоналот во болницата, која со недели е под силен притисок од израелските сили.

Директорот на министерството, Мунир ал Бурш, во изјава потврди дека, како што наведе, „окупационите сили сега се во болница и ја запалиле“.

Здравствените власти и службите за итни случаи известија дека имало и други инциденти низ Газа во кои израелски напади убиле најмалку 25 луѓе.

Израелската војска соопшти дека прави напори да ги минимизира цивилните жртви и помогнала безбедно да се евакуираат цивилите, пациентите и медицинскиот персонал пред воената операција, но не откри детали.

„Болницата Камал Адван служи како терористичко упориште на Хамас на северот на Газа, од каде терористите оперираа во текот на целата војна“, се вели во военото соопштение.

Израелските медиуми јавуваат дека израелската армија започнала нова операција во болницата во Џабалија на северот на Газа, откако забележала присуство на оперативци на Хамас таму.

Израелската армија претходно оперираше против Хамас во таа болница во октомври, а сега тврди дека таа повторно станала „клучно упориште на терористичката организација и продолжува да биде засолниште за терористичките оперативци“.

Покрај тоа, се наведува дека цивилите биле однесени во други болници во Газа во соработка со Одделот на израелското Министерство за одбрана задолжен за владините активности на териториите (COGAT), локалните здравствени службеници и меѓународните организации.

Во меѓувреме, соопштено е дека бројот на загинати Палестинци во војната во Газа достигна 45.436, а ранети се 108.038 Палестинци во изминатите 24 часа.