Автобус со Палестинци кои се чуваат во израелските затвори денеска напладне пристигна во Бетунија, на окупираниот Западен Брег, како дел од четвртиот круг размена на затвореници за израелски заложници според договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Хамас и Израел.
Претходно денеска палестински Хамас ослободи тројца израелски заложници. Набргу потоа, Палестинците го напуштија израелскиот воен затвор Офер, кој се наоѓа во близина на Бетунија.
Палестинците се дел од групата од 183 затвореници кои Израел треба да ги ослободи подоцна денеска во замена за тројца заложници ослободени претходно во Газа.
Меѓу ослободените Палестинци има 72 лица осудени на доживотен затвор или долги затворски казни, како и 111 Палестинци кои беа уапсени од Израел во Појасот Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната.
Ова е четврти круг на размена од почетокот на примирјето на 19 јануари меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас по 15 месеци разорна војна во Газа.
Од почетокот на прекинот на огнот, разменети се 15 заложници – 10 Израелци и пет Тајланѓани и 400 Палестинци од израелските затвори.
Во текот на шесте недели од првата фаза од прекинот на огнот, треба да бидат ослободени вкупно 33 заложници, меѓу кои и осум мртви, а Израел треба да ослободи околу 1.900 Палестинци од своите затвори.
Уште околу 80 заложници се во Газа, а се верува дека една третина од тој број се мртви. Хамас потврди дека осум од 33-те заложници планирани за ослободување во првата фаза од прекинот на огнот се мртви.
Израел и Хамас следната недела треба да започнат преговори за втората фаза од прекинот на огнот, за време на која треба да се ослободат преостанатите заложници, а примирјето да се продолжи на неодредено време. Војната би можела да продолжи на почетокот на март доколку не се постигне договор.