Израел објави: Започна напад на Бејрут

115
EPA-EFE/STR

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во вторникот попладне објавија дека започнал воздушен напад врз Бејрут, главниот град на Либан.

ИД ова го нарече „целен напад“, наведувајќи дека подоцна ќе открие повеќе детали, пренесува CNN. Либанската државна новинска агенција NNA јави дека нападот погодил петкатница во населбата Гобеири во јужните предградија на Бејрут, уништувајќи станови на четвртиот и петтиот кат.

Израелската војска вети дека ќе ги „забрза офанзивните операции“ откако започна опсежни воздушни напади насочени кон милитантната група Хезболах.

„Хезболах не смее да добие пауза. Ќе продолжиме да работиме со полна сила, ќе ги забрзаме офанзивните операции денеска. Ситуацијата бара континуирана силна акција во сите области“, најави претходно Херзи Халеви, началник на Генералштабот.

Израелските напади врз Либан се интензивираа во последните денови, а либанското Министерство за здравство во вторникот објави дека од понеделникот во израелските напади загинале 558 луѓе, а 1.835 се повредени, што е најсмртоносниот ден во Либан од крајот на граѓанската војна во 1990 година.