Израелските власти ги објавија имињата на 95 палестински затвореници што планираат да ги ослободат во недела, како дел од првата размена на затвореници според новиот договор за прекин на огнот со Хамас.
Израелското Министерство за правда соопшти дека затворениците нема да бидат ослободени пред 16 часот по локално време во недела (15 часот по средноевропско време).
Израелските медиуми јавуваат дека жените се мнозинство меѓу 95-те Палестинци кои ќе бидат ослободени во недела, а повеќето од нив биле уапсени по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Одборот за безбедност на израелскиот кабинет денеска го одобри договорот за прекин на огнот, но целосниот кабинет, кој сè уште го разгледува, треба да го стори тоа, јавува агенцијата Франс прес.
Договорот, кој треба да стапи на сила во недела, предвидува ослободување на 33 заложници во Газа во првата фаза, во замена за неколку стотици Палестинци држени од Израел.
Како дел од првата фаза од договорот, која ќе трае шест недели, Хамас се согласи да ослободи 33 заложници, меѓу кои деца, жени, вклучително и жени војници и мажи постари од 50 години.
Во замена за заложниците, Израел ќе ослободи 50 палестински затвореници за секој израелски војник и 30 за другите жени.
Три жени приведени во Газа ќе бидат ослободени во недела, а Израел побара нивните имиња да бидат објавени 24 часа однапред. Се очекува да бидат ослободени жени цивили.