Помина долго време откако не видов толку многу работи. Децата не знаат каде да погледнат… Тешко е да се замисли сето ова иако беше толку блиску. Никогаш не го напуштивме Алепо, вели Ајша Даркалт. До последните денови оваа област остана надвор од границите на остатокот од Сирија. Благодарение на близината на Турција во Ал-Дана се роди просперитетен трговски центар, на кој досега внимаваа исламистите од бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), а сега е полн со луѓе
Поранешниот изолиран бастион на сириските бунтовници, во провинцијата Идлиб, сега врие од луѓе. Голем број граѓани од разни краишта на земјата шетаат по осветлените шопинг патеки, со неверување гледајќи во изобилството стоки што се нудат таму.
Градот Ал-Дана, во близина на Сармада во провинцијата Идлиб, е оддалечен помалку од 40 километри источно од вториот по големина сириски град Алепо, но беше отсечен од остатокот од земјата до падот на претседателот Башар ал Асад пред една недела. Како што јавува ирската радио-телевизија РТЕ, Ал-Дана, благодарение на близината со Турција сега е претворена во шопинг центар, преполн со луѓе од разни краишта на земјата. Доаѓаат од Алепо, Хама, Хомс, па дури и од главниот град Дамаск и купуваат сè и сешто, восхитени од понудата. Се купува од облека до техничка стока, а плаќањето е во турски лири или во американски долари. Достапни се сите големи брендови кои се донесени од Турција, моќниот сосед на Сирија. Сè, од облека до електрична стока и мебел, од обично до луксуз, е изложено во продавниците на главните улици и во четирите трговски центри со блескави излози.
-Помина долго време откако не видов толку многу работи. Децата не знаат каде да погледнат… Тешко е да се замисли сето ова иако беше толку блиску. Никогаш не го напуштивме Алепо, изјавува за телевизијата 54-годишната мајка Ајша Даркалт.
Алепо, првиот град што го зазедоа бунтовниците во нивната молскавична офанзива која стави крај на децениското владеење на кланот Асад, сè уште има само три часа електрична енергија дневно. Но, силните светла, цветовите од розова ткаенина и светкавите венци ги красат трговските центри во блиската Дана по 13 години немаштија во остатокот од земјата, која беше опустошена од граѓанската војна што избувна во 2011 година. Регионот Сармада беше релативно добро ситуиран додека Алепо и поголемиот дел од остатокот од Сирија беа зафатени од конфликти и сиромаштија под власта на Асад, исцедени од даноци и преполни со корупција. За разлика од Идлиб, бунтовничкиот „главен град“ кој беше предмет на руско бомбардирање до почетокот на месецот, Сармада генерално беше поштедена бидејќи е многу блиску до соседна Турција, пишува РТЕ.
Во 2021 година центарот за Блискиот Исток „Карнеџи“ објави дека просперитетот на регионот датира од избувнувањето на војната во 2011 година и прекинот на контактите меѓу Дамаск и Анкара, кога Асад го запре увозот на стоки од Турција. На локалните бизнисмени „им легнаа“ прекугранични зделки и имаа корист од приливот на раселени луѓе во областа каде што претходно живееја само 15.000 жители. До последните денови оваа област остана надвор од границите на остатокот од Сирија. Таму се роди просперитетен трговски центар, на кој сè досега внимаваа исламистите од бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
-Луѓето се изненадени. Мислеа дека живееме на опасно место полно со криминалци, а сега доаѓаат овде! Имаме струја, имаме сè што ни треба, вели 42 годишниот Махер ал Ахмад, кој има води продавница за покуќнина и теписи.
Шопинг лудилото, велат, може да се спореди со она за време на распродажбите во стоковните куќи на Запад.
Четириесетгодишниот Имад Фарес живее во Ал-Дана во последните три години откако го напуштил родниот град Маарет ал-Нуман, кој е уништен од конфликтот.
-Луѓето од Алепо изгледаат мизерно и уморно. Од нивните лица може да се забележи дека живееле во затвор. Тие се шокирани од тоа како живееме овде, вели тој.
Ова што се случува во Дана се смета за почеток на враќањето на живото во Сирија во нормала. За луѓето не е важно само тоа што таму можат да купат сè што им е потребно, туку и тоа што можат да го донесат дома без патем да бидат ограбени од луѓето на Асад.
Има понуда и на автомобили увезени од Турција. Еден доктор вели дека старото возило минатата недела го продал за 50.000 долари, а сега во Сармада може да купи ново за не повеќе од 8.000 долари.
-Едноставно не сфаќавме дека ние сме несреќните, вели тој.