Историчарите на уметност кои ја проучуваат сликата на Пабло Пикасо „Портрет на Матеу Фернандес де Сото“ открија мистериозен портрет на жена скриен под нејзината површина.
Над портретот на жената, Пикасо веројатно го насликал својот пријател скулптор Матеу Фернандез де Сото како седи на маса неколку месеци подоцна, во 1901 година, за време на неговата „сина фаза“, објави Си-Ен-Ен.
Речиси 125 години подоцна, контурите на оригиналниот портрет беа откриени од Институтот за уметност Кортолд во Лондон, кога го испитуваа уметничкото дело користејќи инфрацрвени зраци и рендген пред изложбата.
Портретот на жената „буквално ни се појави пред очи… дел по дел“, поради мозаичниот начин на кој инфрацрвената камера ја скенира сликата, објасни Барнаби Рајт, заменик-директор на галеријата Кортолд.
View this post on Instagram
Иако експертите „биле прилично убедени дека има нешто што се крие под површината“ бидејќи имало видливи потези со четка кои всушност не се совпаѓаат со видливиот портрет, тие не знаеле што ќе најдат кога ќе почнат да го скенираат, вели Рајт.
Сè уште не се сигурни за идентитетот на жената, иако таа наликува на неколку други жени кои Пикасо ги насликал во Париз во 1901 година, бидејќи ја има препознатливата шињон фризура која била модерна во француската престолнина во тоа време.
„Таа може засекогаш да остане некаков анонимен модел“, рече Рајт, додавајќи дека работат на нејзино идентификување.
Според него, можеби била само модел, можеби љубовница, можеби пријателка.
Рендгенските снимки сугерираат дека Пикасо го преработил ова платно можеби три или четири пати, делумно затоа што не можел лесно да си дозволи да купи нови материјали, но и затоа што „јасно е дека… уживал во процесот на трансформирање на една слика во друга“, рече Рајт.
Остатоците од женски портрет се видливи за обученото око.
„Кога ќе дознаете што има под оваа слика… можете многу јасно да видите некои од тие индиции – нејзиното око, уво и косата“, рече Рајт.
„Портретот на Матеу Фернандес де Сото“ ќе биде изложен во галеријата Кортолд во Лондон од 14 февруари до 26 мај.