Измрзнаа праски, кајсии, сливи, цреши…, овошјето ќе биде скапо и ќе го нема

Мразот им пресуди на овошките. Земјоделците стравуваат дека летово ќе немаме праски, кајсии, сливи, па дури и јаболка. Овошјето ќе биде многу скапо и  ќе го нема. Засега според состојбата на терен првичните проценки се дека штетите изнесуваат 6 милиони евра. Но, поради ниските температури кои се очекува да се спуштат до -4 степени, се стравува од измрзнување на лозовите насади и на јаболката во Преспа. Поради тоа, земјоделците апелираат државата да преземе мерки за превентивна заштита од доцните мразеви, како што се антифрос системите. Овие системи се многу скапи, но се исплатат бидејќи нудат 100 отсто заштита од мраз

1396

Ниските температури удрија по овошките. Праските во Росоман се 100 отсто измрзнати, а има големи штети и врз кајсиите, сливите, црешите, јаболката… Земјоделците велат дека годинава ќе има многу малку род, а овошјето ќе биде многу скапо, што ќе удри по џебот на граѓаните. Засега според состојбата на терен, првичните проценки се дека штетите изнесуваат 6 милиони евра. Но, поради ниските температури кои се очекува да се спуштат до -4 степени се стравува од измрзнување на лозовите насади и на јаболката во Преспа. Покрај ниските откупни цени, климатските промени им зададоа дополнителен удар на земјоделците кои не знаат како и од каде да ги покријат трошоците кои веќе ги дале за производството.

-Ние веќе 15 години трпиме штети од климатските промени – мраз, град, обилни дождови, суша… Сето тоа влијае на намалување на земјоделското производство, зголемување на трошоците, намалување на приходите на земјоделците и на државата. Ако не се преземат мерки против климатските промени, ќе останеме без храна. Сега на удар беа праските и кајсиите во Росоман, кои се 100 отсто измрзнати. Има големи штети и кај некои рани сорти на јаболка во Битолско кои беа расцветани. Ако температурите паднат под нулата, постои опасност да има големи штети и врз лозовите насади кои веќе се расцветани. Од претходниот мраз настрадаа дел од лозовите насади кои беа покрај Вардар, изјави за весникот ВЕЧЕР, Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери.

Таа вели дека сега кај лозовите насади вегетацијата е тргната и вложени се големи средства за резидба, ѓубре, врзување, прскање, орање, заштита… за да отиде сè во вода. И кај праските и кајсиите во Росоман 70 отсто од работата беше завршена и за еден месец требаше да почне бербата на родот, а сега веќе нема ништо.

-Измрзнати се и црешите и дуњите во Тиквешијата. Ниските температури ќе влијаат и на измрзнување на расадот на тутунот. Тутунарите се плашат дека ќе останат без расад. Слична е состојбата и со градинарските култури на отворено. Ова е голем удар врз земјоделството. Потребно е итно да се излезе на терен да се проценат штетите и да се обесштетат земјоделците. Исто така треба да се преземат долгорочни мерки за заштита од климатски промени, како што се заштитни фолии, заштитни мрежи, антифрос-системи. Овие мерки се многу скапи и земјоделците не се финансиски моќни да ги обезбедат затоа потребна е помош од државата, појаснува Мојсовска.

Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа вели дека Комисијата за утврдување на штети е на терен и се прават проценки на штетите од мразот во Росоман. Праските се целосно измрзнати, а големи штети претрпеа и сливите, кајсиите, црешите… Според првичните согледувања, досегашните штети изнесуваат околу 6 милиони евра.

-Температурите се спуштија на -8 степени кога овошките цутеа и предизвикаа големи штети. Ова е голем удар за земјоделците во Росоман, Валандово, Кавадарци, Преспа… Има штети и врз насадите со сливи во Малешевијата и Прилепско. Се очекува големи штети и врз јаболката, а постои ризик и од мрзнење на лозовите насади, изјави за ВЕЧЕР, Каракашев.

Според него, овие доцни мразеви негативно ќе се одразат врз снабдувањето со овошје. Летово ќе немаме праски, кајсии, сливи, па дури и јаболка. Овошјето ќе биде многу скапо и тоа ќе удри по џебот на граѓаните.

Поради тоа државата мора да преземе мерки за превентивна заштита од доцните мразеви, како што се антифрос-системите. Овие системи се многу скапи, но се исплатат бидејќи нудат 100 отсто заштита од мраз.

(А.С.)    

ИЗДВОЕНИ