Во текот на последниот викенд од овој месец, според бројките од полициските сообраќајни контроли на ниво на целата држава, се чини дека, како по некое непишано правило за учесниците во сообраќајот значи своевидно опшуштање во поглед на почитувањето на сообраќајните правила и прописи.
Во рамките на извршените сообраќајни прегледи спроведени на 21/22/23 февруари, од 2.228 издадени платни налози, дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 – за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола.
Исто така, поради непочитување на одредбите околу задолжителното користење сигурносен појас, евидентирани се 171 прекршок, плус 12 прекршоци за граѓани што управувале мотоцикли без заштитен шлем, а за користење мобилен телефон при возење, биле изречени 45 прекршочни казни. Воедно (компаративно гледано во споредба со минатиот викенд), има благ пад во однос на прекршоците поврзани со неправилното паркирање – 451, регистрирани се 15 случаи на минување на црвено и 28 прекршоци од пешаци, а согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во саботата, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид, во соработка со полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Охрид, ја спроведоа превентивно-едукативната кампања „Не користи мобилен телефон додека возиш“. На повеќе пунктови во Охрид, полициските службеници остварија непосредна комуникација со возачите на моторни возила и им укажаа дека користењето мобилен телефон при управувањето со возило може да биде опасно како за нивната така и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
– Полициските службеници посочија дека користењето мобилни телефони во текот на возењето го одвлекува вниманието, се намалува внимателноста кон состојбите на патиштата и се зголемува ризикот од сообраќајни незгоди. Целта на кампањата е јакнење на сообраќајната култура, свеста и совеста кај возачите за активен придонес во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот на патиштата. На возачите им беа поделени летоци со едукативни совети и насоки – информираа од МВР.