Во Националната галерија „Чифте амам“, во Скопје, на 16 април (20 ч) ќе се отвори изложбата „Религија, митологија или слободна мисла“ на македонскиот уметник Трајче Чатмов. Како што ќе посочи академик Катица Ќулавкова, тој е еден од водечките современи македонски сликари, а неговото сликарство е сродно на магичниот реализам во книжевноста.

„Неговата експресивна фигуративност е драматична и мултифокална. Зад привидниот неред на облиците се наѕира митската приказна. Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет“, вели меѓудругото Ќулавкова.

Таа додава дека во најновото сликарство на Чатмов од 2025 би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: архетипски мотиви и митски слики, како и старозаветни и новозаветни библиски мотиви.

 

ИЗДВОЕНИ