Во Музејот на современата уметност – Скопје, на 8 април, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата насловена „Форми во лет, меѓународни уметници во француските колекции“. Изложбата е во организација на Францускиот институт во Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со Музејот за современа уметност во Лион и градот Лион.
Изложбата официјално ќе ја отворат: г. Тихомир Топузовски, в.д. директор на Музејот на современата уметност – Скопје, г. Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција, и г. Матје Лелиевр, одговорен за одделот „колекции“ во Музејот на современа уметност во Лион и куратор на изложбата.
Низ селекција на значајни дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, од автори како Карлос Круз-Диез, Хисао Домото, Ана-Ева Бергман, Пјотр Ковалски, Зоран Мушиќ, Виргилије Невјестиќ, Енрике Пејсере, се истакнуваат уметници и од целиот свет, кои по Втората светска војна заминуваат во Париз, каде што се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници.
Селекција на дела од современи и реномирани автори од Музејот за современа уметност во Лион, како Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Лесија и Шурук Хриеш ќе бидат премиерно прикажани за време на изложбата. Тоа дополнително ќе влијае на размислата за миграциите на уметниците и важноста на културната размена.