Во ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „поВРЗИНО“ од уметникот Стефан Анчевски. Тој поставува и создава сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира своите идеи низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата. Со својата поетика и сликите открива дека му е близок графолошкиот пристап што се потпира на ликовните искуства на сликарството од ХХ век и на ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Неговиот визуелен јазик, како облик на комуникација, е универзален и единствен.
Експериментирајќи со најразлични техники и материјали, авторот го создава циклусот „Врзино“, кој беше изложен во 2024 година, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Втората изложба „преВРЗИНО“ во Ликовниот салон на ДЛУБ во Битола ги покажува нештата што довеле до создавање на овој проект, додека ова претставување „поВРЗИНО“ ги поврзува сите три излагања.
Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Има реализирано 11 самостојни изложби, има учествувано на повеќе од 150 групни изложби и прикажувања во земјава и во странство. Член е на ДЛУБ (2022), ДЛУМ (2023) и на ДЛУП (2024). Во 2014 и во 2023 година беше добитник на првата награда „TrashForArt“ и на првата награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 година – COE – во Национална галерија „Мала станица“ во Скопје.
Изложбата ќе биде отворен до 9 мај.