Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, на 14 март од 18:30 ч., ќе биде отворена изложбата „Мотиви од Хераклеја“ од битолскиот уметник Панде Петровски. Со изложбата, Центарот ја започнува реализацијата на годишната обемна програма од областа на визуелните уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Во сите слики се наѕираат филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиозното промислување на композициската целина, но и на поединечните целини во самата слика ако се набљудуваат само делови од неа. Од нив блика еден тивок, но длабок изблик на емоции,  историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но сега на платно, да прозборат паметниците, мермерот, издлабените букви на тој мермер, да прозборат елените и рајските птици од мозаикот… Во античките цивилизација и култура се бараат есенцијалното на универзумот, духот на совршенството, сакајќи, притоа, на платно да ја прикаже спиритуалната магичност на Хераклеја, на овој многу присутен мотив, а истовремено и многу отсутен во делата на современите ликовни творци“, вели Панде Манојлов за делата на Петровски.

Тој додава дека овие слики на Панде Петровски се полни со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и одблесокот од минатото, слики што побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи.

 

ИЗДВОЕНИ