Во Францускиот институт во Скопје во понеделник, 28 април со почеток во 18 часот ќе се одржи изложба и уметничка средба насловена „Никогаш незаљубен”. Автор на изложбата е уметникот Дарко Алексовски, а куратор Мелоди Робин.
Настанот ќе биде проследен со уметничка средба за креативниот процес и делата.
„Оваа изложба претставува можност да се запознаете со делата на визуелниот уметник Алексовски, чија уметничка практика се формира преку работа со слики и креативно пишување. Тој за оваа изложба, преку две меѓусебно поврзани дела: „Љубовни писма до осаменоста” и „Бранови”, ги отсликува размислите за љубовта, сеќавањето и променливоста на човечките врски. Изложбата комбинира писма напишани на машина за пишување и серија цртежи во голем формат кои создаваат асоцијативен морски пејзаж, евоцирајќи битовo сликарство. Ова дело на Алексовски е веќе изложувано во студиото на Private print, како и во галерии во Сплит и Марибор, со адаптација на поставката. Оттука, делото секогаш добива нова форма “, се вели во најавата на настанот.
Во интервјуто за емисијата Стереофранс, Алексовски вели: „Она што овој пат ми е особено интересно во целиот процес, за оваа верзија на проектот, е токму изложбениот простор во Францускиот институт во Скопје, односно витрината, која на еден интересен начин ја означува таа дихотомија помеѓу отворениот и затворениот простор, и начинот на кој делата ќе можат цело време да се видат, односно писмата ќе можат во секое време да се прочитаат, независно од работното време на институтот…“.