„Живееме во време на големи промени, пред сè на парадигмата и дефиницијата на идентитетот ‘човек’. Кога пред десет години во својата фантазија, уметниците и филозофите го предвидуваа светот каков ќе биде, тој денес изгледа донекаде слично. Денес тешко кој може да предвиди како ќе изгледа светот за десет години. Да се надеваме дека новите технологии ќе станат само нова алатка за креирање, а не средства за контрола и технократски феудализам“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметникот Ангел Миов, чија самостојна изложба е отворена во галеријата на ФЛУ во Белград

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград е отворена изложбата „Just now“ (Само сега), на ликовниот уметник, професор на катедрата  за сликарство и трансмедијални практики на Факултетот за ликовни уметности во Скопје,  професор д-р Ангел Миов. Ова е негово прво самостојно претставување во Белград, на овој  познат македонски ликовен уметник, кое наиде на голем интерес кај белградската ликовна публика.

Изложбата ја отвори кустосот на Факултетот за ликовни уметности во Белград, Јелена Спаиќ, која, за делата на Миов, покрај другото истакна:

„Преку проектот ‘Само сега’, уметникот и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Ангел Миов, ја преиспитува структурата на информациите низ призмата на некогашните лимени клишеа за печатење дневни весници и денешното ширење пораки преку мрежа на слики и видеа слични на алгоритамските машини за среќа. Со развојот на информатичката технологија, интеракциите, шемите, случајноста (баналноста) и лажните датотеки брзо се шират со пристап до многу корисници (зависници) на допамин. Равенките се менуваат, но резултатот останува ист. Истите слогани и флоскули, лажниот оптимизам и императивите на илузорната среќа се шушкаат пред архивите на личната меморија, како и пред нашите идентитетски структури помеѓу стравот и забавата. Сеќавањето е поделено на елементарни честички кои ја најавуваат постинформациската доба во која секогаш ќе има леб и игри“.

Уметникот Ангел Миов за весникот „ВEЧЕР“ одговори на неколку прашања поврзани со изложбата.

Како помина отворањето и како сте задоволен од одѕивот на белградската ликовна публика?

Благодарам за честитките, изненаден сум од големиот број на публика која присуствуваше на отворањето на изложбата и покрај дождливото време. Присуствуваа луѓе од стручната јавност, деканот на Факултетот за ликовни уметности во Белград, продеканите, голем број на професори и студенти, директорот на Македонскиот културен центар во Белград како и љубители на уметноста, пријатели, нашинци кои живеат во Белград, но и гости од Македонија кои специјално дојдоа на отворањето на мое огромно задоволство. Изложбата сè уште ќе трае и секојдневно е посетена од публика.

Како дојде до Вашето прво претставување  во Белград, кој беше „виновникот“?

Минатата година јас го одбранив мојот докторско-уметнички проект на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот за уметности во Белград. Таму стекнав многу колеги и пријатели како деканот на ФЛУ проф. д-р Радош Антониевиќ,  проф. д-р Светлана Волиц, која беше и моја менторка на докторските студии, Кустосот Јелена Спаиќ кои ми предложија да конкурирам за самостојна изложба во Галеријата ФЛУ во Белград, Советот на галеријата го одобри мојот проект и го добив терминот 5-19 декември за реализација на изложбата. На овие луѓе сум им особено благодарен и можам да ги наречам „виновниците“.

Кажете ни нешто повеќе за самата изложба.

Изложбата ја отвори кустосот Јелена Спаиќ, а збор зеде и продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Светлана Волиц. Изложбата претставува мултимедијално дело составено од објекти (оригинални лимени клишеа од 1989 година од весникот „Нова Македонија“), видеа, фотографии, текст и звук. Амбиенталниот звук за изложбата е дело на композиторот Игор Василев-Новоградска, монтажата на видеото е на Благоја Неделковски, а звукот на слушалките е дело на експерименталнот музичар „Lenhart Tapes“ од Нови Сад.

Темата Ви е многу интересна, како се развивале информациите преку Гутенберг па сè до сегашните дигитални платформи. Ќе има ли место во постинформациското време за убави работи и конечно за ликовното творештво, или тоа ќе се претвори во нешто ново?

Живееме во време на големи промени, пред сè на парадигмата и дефиницијата на идентитетот „човек“. Кога пред десет години во својата фантазија, уметниците и филозофите го предвидуваа светот каков ќе биде, тој денес изгледа донекаде слично. Денес тешко кој може да предвиди како ќе изгледа светот за десет години. Да се надеваме дека новите технологии ќе станат само нова алатка за креирање, а не средства за контрола и технократски феудализам.

Инаку, Ангел Миов е роден 1982 година во Гевгелија. Дипломирал сликарство во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Магистер по сликарство во 2011 година на ФЛУ во Скопје. Докторирал во 2022 година на Факултетот за ликовни уметности, Универзитетот за уметности во Белград

Од 2012 година е вработен на Факултетот за ликовни уметности во Скопје како доцент (2012–2017), вонреден професор (2017–2022), а од 2022 година е избран на работно место редовен професор на Катедрата за Сликарство и трансмедијални практики. Реализирал 18 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјата и странство (САД, Франција, Германија, Холандија, Литванија, Канада, Израел, Данска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Италија, Русија и Кина), организирал  повеќе уметнички проекти и уметнички фестивали. Член и еден од основачите на Art I.N.S.T.I.T.U.T. – Скопје и Бош – мултимедијален арт фестивал  Гевгелија.