Долга е листата на криминал за кој истражните органи го сомничат поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски. Обвинителството бара од судот да му определи притвор во истражниот затвор „Шутка“ поради страв од влијание врз сведоци и бегство. Кривичните дела што му се нижат се мито, проневера во службата, несовесно работење… Функцијата ја користел за лична и корист за својата сопруга, за возврат на доделените тендери на фирма за рентакар услуги чиј сопственик е второосомничен во истрагата. Мирчевски приватно возел автомобили од марките „пасат“ и „ауди“ а сопругата ја возеле лични шофери од фирмата.
-Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило “Фолксваген пасат” сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заенички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп.
Главниот набавувач во Владата три години ги правел злоупотребите за кои се сомничи. Мирчевски пет пати давал лажни податоци во изјавите за непостоење судир на интереси во постапките за јавни набавки во кои тендерите ги добивал второосомничениот. Лажирал и службени патувања, хотелско сместување, авиобилети, патни налози, рентакар возила, кои биле користени за приватни потреби, со што ја оштетил државата за 30 илјади евра.
Поранешниот директор на СОЗР дозволил една година владиниот авион да биде управуван од пилот кому му се давала плата како да е капетан. Па така, човекот, кој иако немал такво звање, си наплатил 56 илјади евра за услугите. Од Јавното обвинителство информираат дека се извршени претреси во домовите на осомничените и се собира документација за докажување на злоупотребите на државниот буџет. (П.А.)