Изјавата на Бајден како „кец на десетка“ за Трамп: Ќе ја запечати ли судбината на Камала Харис на изборите?

213
EPA-EFE/Kent Nishimura

„Доналд Трамп нема карактер. Не му е грижа за латино заедницата… Тој вели дека мигрантите ја трујат крвта на нашата земја… Баш пред некој ден, еден говорник на неговиот митинг го нарече Порторико „пловечки остров од ѓубре”. Да ви кажам нешто… Порториканците што ги знам… се добри, пристојни, чесни луѓе. Единственото ѓубре што го гледам како лебди наоколу се неговите поддржувачи… неговото демонизирање на Латиноамериканците е несовесно, неамериаксно, сосема спротивно од сè што направивме, сè што бевме“, рече американскиот претседател Џо Бајден за време на разговорите со Voto Latino, организација која ги охрабрува младите латино гласачи да се регистрираат за да гласаат и да се ангажираат политички.

Коментарот на Бајден, чиј транскрипт беше објавен на веб-страницата на Белата куќа, крена прашина во јавноста само неколку дена пред претседателските избори на 5 ноември, на кои неговиот потпретседател ќе му конкурира на Трамп. Таа сè уште не се опоравила од митингот на Трамп во Њујорк, кој „Гласот на Америка“ го нарече „надреален спектакл“.

Тој митинг беше одбележан со навредлива реторика.

Пред обраќањето на Трамп, неговите поддржувачи се свртеа кон таборот на демократите. Поранешниот кандидат за Конгресот Дејвид Рем ја нарече Харис „антихрист“ и „ѓавол“, додека другите ја нападнаа Хилари Клинтон – која Трамп ја победи на изборите во 2016 година. Бизнисменот Грант Кардон им кажа на толпата дека Харис „и нејзините макроа ќе ја уништат нашата земја“.

Но, најголемо внимание доби комичарот Тони Хинчклиф, кој го нарече Порторико „пловечки остров на ѓубрето“.

Неговиот коментар налути многумина, дури и кампањата на Трамп се огради од него и во изјава за CNN рече дека „оваа шега не ги одразува ставовите на Трамп или кампањата“.

Откако Бајден ја коментираше и „шегата“ на Хинчклиф, Белата куќа брзо се обиде да ја разјасни изјавата на претседателот. Портпаролот Ендрју Бејтс рече дека мислел на „реториката со омраза“ од митингот во Њујорк, а не на поддржувачите на Трамп.

Се огласи и самиот претседател, свесен дека овој гаф може да има политички последици.

„Претходно денес зборував за реториката со омраза дека поддржувач на Трамп на неговиот митинг во Медисон Сквер Гарден рече дека Порторико е ѓубре – што е единствениот збор што можам да го опишувам. Неговото демонизирање на Латиноамериканците е несовесно. Тоа е се што сакав да кажам. Коментарите од тој митинг не одразуваат кои сме ние како нација“, рече Бајден на „Х“.