„ИзиЏет“, втората по големина авиокомпанија во Франција и најголемата авиокомпанија во Европа во поглед на мрежата, од 2 април ќе почне да лета на релација Скопје – Париз на аеродромот „Орли“.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, информираат дека на новите директни летови на релација Париз – Скопје – Париз, „ИзиЏет“ ќе оперира со два лета неделно, или секоја среда и сабота, со што авиокомпанијата ја задоволува потребата за брзо и достапно поврзување и меѓу францускиот регион и на меѓународно ниво.
– Како ТАВ Аеродроми, аеродромски оператор, со задоволство ја објавуваме оваа атрактивна авиолинија и ново воздушно поврзување меѓу Скопје и Париз. Новата авиолинија, обезбедена благодарение на авиокомпанијата „ИзиЏет“ е значајна пресвртница, бидејќи ова е првпат Меѓународниот Аеродром Скопје да се поврзе авионски со директен лет со аеродромот Орли, кој исто така е управуван од Групацијата АДП, чија членка е и ТАВ Аеродроми. Покрај тоа, оваа нова можност за патување дополнително ќе им овозможи на нашите патници да ја искусат услугата на уште една нискобуџетна авиокомпанија, со што ќе им обезбедиме на нашите патници повеќе опции за патување и можности да се поврзат со еден од најживописните градови во Европа, познат како Градот на светлината – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Реџиналд Отен, заменик директор на „ИзиЏет“ за Франција очекува со новата линија до Скопје ќе им овозможат на илјадници парижани да ја откријат убавината и уникатноста на Балканот, секогаш со одлична вредност за парите.
Со авионите на „ИзиЏет“ лани беа превезени 3,4 милиони патници.
(С.Бл.)