Градоначалникот на Општина Илинден, Алекандар Георгиевски денеска даде отчет за сработенoто во изминатите три години од неговиот мандат.
Тој истакна дека дека го радува податокот оти голем дел од реализираните проекти се предложени и спроведени во соработка со вас граѓаните, како приоритети.
-Со домаќинско работење и неселективен пристап кон сите граѓани и населени места, успеавме да оствариме солидни резултати во локалниот економски развој, во патната, комуналната и енергетската инфраструктура, образованието, во детската заштита, урбанизмот, екологијата, културата, спортот и другите сфери на општественото живеење – истакна Георгиевски.
Тој се пофали дека во изминатите три години се изградени и реконструирани над 150 локални улици, патишта, пешачки патеки и тротоари во должина од над 44 километри, потоа канализациони системи во вкупна должина од над 32 километри, како и нови водоводни линии во должина од над 5.000 метри.
-Во рамки на проектот „Светла Општина Илинден“ поставени се нови линии на улично осветлување во должина од над 14 километри. Во насока на зачувување на здравата и чиста животна средина успеавме да исчистиме над 100 километри отворени одводни канали, како и да засадиме над 100.000 садници во рамки на акција Илинден зелена Општина. Исчистени се и над 30 диви депонии – реферираше Георгиевски.
Како поважни проекти тој ги издвои: изградбата на Здравствен дом во Илинден кој е во финална фаза, кружниот тек на влезот на општината, по кој општината стана веќе и препознатлива, како и изградената пешачка патека во должина од 1.200 метри на комплетно реконструираната улица „532“ во Марино и други локални патишта и улици.
Георгиевски ги спомена и изградбата на колекторскиот систем Илинден – Марино во должина од над 5.000 метри, како и изградбата на фекална канализација во месноста Плац во Илинден, каде досега се реализирани над 2.700 метри линија, како и изградбата на фекалната канализација во м.в. Ограѓе, населба Илинден, во должина од 960 метри.
-Исто така, во изминатиов период пуштени се во употреба и две нови пречистителни станици едната во Илинден а другата во Кадино.Се работеше и на модернизирање и подобрување на водоводниот систем и мрежа низ цела територија на Илинден, па во таа насока: отворивме нова лабораторија за испитување на квалитет и контрола на водата за потребите на ЈКП „Водовод Илинден“, обновена е примарната водоводна линија на потегот Илинден –Марино, во должина од над 600 метри, целосно е обновена и примарната водоводна линија на потегот од Марино до Кадино, со должина од над 650 метри, а започнато е со обнова на примарна водоводна линија во населеното место Кадино каде до сега се заменети цевките во должина од над 500 метри – информираше Георгиевски кој додаде дека е набавена и механизација за за одржување на канализациони системи во сопственост на ЈКП „Водовод Илинден“, како и нова автоцистерна за отпадни води за потребите на ЈКП „Водовод Илинден“ која деновиве ќе биде ставена и во функција.
Тој наведе дека континуирано се набавува и нова опрема за нивното општинско комуналното претпријатие кое содржи (контејнери,канти за одпадоци,професионална опрема за одржување на јавната чистота итн), но и дека изминатиов период особено се вложувало и во подобрување на спортската инфраструктура при што изградени се нови спортски терени, атлетска патека со тартан подлога, а се реконструирани и повеќе спортки игралишта, а изградени се и многу детски игралишта. Воедно, Георгиевски истакна и дека се подигнати и повеќе паркови, а хортикултурно се уредени сите училишни дворови и дворови на градинки.
Исто така, тој потсети дека е изградено и пуштено во употреба ново подрачно основно училиште „Гоце Делчев, а изградена е нова зграда – доградба во склоп на детската градинка „Гоце Делчев“ во Марино.
-Исто така, за првпат воведовме повеќе директни субвенции кон граѓаните во разни области: доделуваме еднократна парична помош за новороденче, во износ од 5.000 денари, субвенции за купување на велосипеди, во износ од 4.000 денари, воведовме субвенции за купување на инвертер клими и соларни панели, во износ од 10.000 денари, како и еднократна финансиска парична помош за поддршка на младите претприемачи во износ од 6.000 ден.
-Ова се само дел од спроведените проекти во изминатиов тригодишен период за што е вложен сериозен ангажман од мене и од мојот тим. Но, верувајте ова ни оддалеку не значи дека тука ќе застанеме, напротив ова не мотивира и ни дава поттик да продолжиме по истиот пат, особено во наредната четврта година од мандатот – заклучи Георгиевски.