Запалена депонијата во Визбегово, казнети повеќе сторители

29

Здружени екипите на Инспекторатот на Град Скопје, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и јавните претпријатија:  „Комунална хигиена“, „Улици и патишта“ и „Водовод и канализација“ со цистерни и тешка механизација,  повеќе часови вчера гаснеле подметнати пожари на депонијата во Визбегово. Тие веќе се локализирани, а изгаснати се две од вкупно пет опожарени локации.

При тоа, Инспекторатот за животна средина затекнал сред палење депонии, лица на повеќе локации за кои е изречена глоба и изготвен поднесок до соодветните институции за одговорност.

-За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 25 сторители. Се досега единствено Град Скопје реагира, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но за истото не се постапува иако имаат законска обврска – потенцираат градските власти.

Од Град Скопје апелираат до Владата, а особено до Министертвото за животна средина и просторно планирање за кое ова е основна и исклучива надлежност за постапување, на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад и негово палење низ градот што е казниво и според Кривичниот законик, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни нституции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите.