Изборниот материјал во Албанија и на македонски јазик

12

Изборниот материјал за парламентарните избори во Албанија, кои ќе се одржат напролет следната година, ќе биде и на македонски јазик, како и на јазиците на осумте други малцинства, признати со законот донесен во 2017 година. Ова го соопштил претседателот на Централната изборна комисија, ЦИК, Илиријан Целибаши, на средба со претставниците на националните малцинства, поточно со членовите на Комитетот за малцинства, каде што претставник на македонското малцинство е Марјана Костофски.

– Во фокусот на средбата беше досега сработеното во однос на информирањето на националните малцинства на нивниот јазик за изборниот процес, како и тоа што треба да се направи понатаму, со цел подобрување на информираноста и нивна едукација за претстојните избори. Го истакнав правото на секој да добива информации за изборите и, пред сè, преку сите средства за информирање – објави Целибаши.

Парламентарните избори, 11. по ред, по падот на тоталитарниот режим, ќе се одржат напролет, за што датумот треба да го одреди шефот на државата, Бајрам Бегај, кој во средата ги почна средбите со политичките партии. Според Изборниот законик, треба да биде датум од последната недела на април или од првата недела на мај.