Избори во Косово: Нема влада без коалиција!

30
EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Централната изборна комисија на Косово утринава, по пребројани над 88 отсто гласови, соопшти дека владејачката партија Самоопределување добила 41,29 отсто од гласовите, пренесува Косово онлајн.

На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, на трето е Демократската лига на Косово со 17,75, а на четврто е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите. Српска листа освои 3,96% гласови, која според уставот секако ќе има десет пратеници.

Изборниот ден, кој помина без никакви инциденти, остана во сенка на неуспехот на Централната изборна комисија да ги објави изборните резултати за политичките партии во реално време.

Иако новиот Изборен закон предвидуваше прелиминарните резултати на партиите да бидат објавени во рекордно време, тоа не се случи. Онлајн платформата на ЦИК беше во функција повеќе од три часа.

Првично беше објавено дека се преброени повеќе од 23 отсто од гласовите, а потоа и повеќе од 50 отсто, но имало несовпаѓање меѓу вкупниот број гласови и оние во одредени општини, јавија косовските медиуми.

Првичните податоци објавени од ЦИК на онлајн платформа предизвикаа огромни реакции, бидејќи покажаа победа на Самоопределување со повеќе од 55 проценти.

Претставниците на ЦИК подоцна објавија дека имале технички проблеми, дека сајтот имал преоптоварување на системот поради големиот интерес.

ИЗДВОЕНИ