ИВЗ ги остави верските службеници без здравствено осигурување

23

Без здравствено осигурување се оставени верските службеници во рамките на Исламската верска заедница, дознава ВЕЧЕР. Според неофицијалните сознанија, на вработените не им е уплатен придонесот за здравственото осигурување за последните два месеца – октомври и ноември.

-Во овој период немаме здравствено осигурување и не можеме да одиме на лекари и на прегледи. Парадоксот е во тоа што за овие месеци ни е исплатена платата но не е платен задолжителниот придонес за здравствено осигурување. Нам не ни е јасно како е тоа можно кога прописите бараат тие истовремено да се исплатуваат. Никој не ни објаснува зошто ова се случува, ни изјави еден верски службеник кој сакаше да остане анонимен.

Од ИВЗ ни изјавија дека околу ова повеќе информации ќе ни соопштат денеска.

Ова не е првпат ИВЗ, која има околу 180 службеници, да се соочува со финансиските проблеми и нередовна исплата на плати и придонеси. Во повеќе наврати верските службеници имале поплаки на доцнењето на платите и нивниот мал износ.

Неодамна, иницијативата за реформа на ИВЗ побара промена на нејзиниот Устав, носење нов закон за верските заедници за решавање на начинот на финансирањето на ИВЗ, уредување на работните односи и подобрување на положбата на оџите и верските службеници и други работи. (Б.Ѓ.)