Горан Иванишевиќ е еден од кандидатите да ја преземе улогата на тренер на светскиот тениски рекет број еден, Јаник Синер, пренесуваат италијанските медиуми.
Во текот на Австралија опен, светскиот рекет број еден, Јаник Синер, потврди дека неговиот сегашен тренер, Дарен Кејхил, ќе се пензионира на крајот од оваа сезона и дека веќе бара решение за следната сезона.
Така, сега како бомба дојде веста објавена од италијанскиот весник „Газета дело спорт“ дека Горан Иванишевиќ е во потесниот избор за следен тренер на Синер, заедно со Андре Агаси и Андреас Сепи.
Горан Иванишевиќ беше надвор од терените, поради неславниот крај на соработката со тенисерката од Казахстан, Елена Рибакина. Во својот текст, Италијанците ја споменуваат и значајната улога што ја одигра Хрватот во тимот на Новак Ѓоковиќ, особено нагласувајќи ја неговата важност во врска со сервисот и со играта на мрежа.
Се чини дека Италијанецот има намера да ги земе сите поранешни соработници на најдобриот српски тенисер, бидејќи во неговиот тим моментално се физиотерапевтот Улисес Бадио и фитнес-тренерот Марко Паничи, кои со години соработуваа со српскиот тенисер.